Реклама
Прилози

Меџити поднел кривична за незаконска изградба на модуларни болници: ВМРО открива нови детали

Нови детали за пожарот и трагедијата што се случи во тетовската модуларна…

Сподели:

Нови детали за пожарот и трагедијата што се случи во тетовската модуларна болница  каде пред 4 години живи изгореа 14 луѓе. ВМРО ДПМНЕ вели дека уште кон крајот на 2023-та, тогашниот министер Фатмир Меџити поднел кривична пријава до Обвинителството за организиран криминал и корупција за начинот на изградбата на 16-те модуларни болници. Оттаму велат дека ја поседуваат целата документација според која, се градело незаконски и без одобрение, а болниците не исполнувале минимум услови. Според нив, тогашниот министер Венко Филипче поставил одговорно лице кое дало амин за изградба на болниците без објектите да исполнуваат минимум услови.

Од Обвинителството за организиран криминал и корупција велат дека за викенд не можат да обезбедат одговор дали е постапено по пријавата на екс министерот Меџити, иако оттогаш се поминати речиси две години.

Инаку, за време на ковид пандемијата Светска банка за обнова и развој и дала на Македонија 30 милиони евра за справување со кризата. Банката проценила дека Министерството за здравство нема капацитети, па парите биле дадени на проектна единица во Министерството за транспорт и врски. Сепак, како што образложуваат од ВМРО ДПМНЕ, одговорниот кој дал амин за болниците е вработен во здравство. Немало ниту техничка спецификација којашто треба да е во согласност со минимум стандардите, ниту одобрение за употреба, ниту, пак модуларните болници се запишани во катастар, а сепак се изградиле.

Реклама

Исто така, според документите кои ги поседува партијата, пред да се случи пожарот, наместо да се подобрат стандардите, се направиле измени на Законот за градење и објектите коишто прво биле набавени како стоки, со законските измени се регистрирани како урбана опрема. ВМРО ДПМНЕ обвинува дека екс министерот Филипче поради провизии дозволил изградба на модуларни болници не почитувајќи ги законите за градење и за здравствена заштита.

Инаку за смртта на 14 луѓе кои изгореа во тетовската модуларна болница, засега виновни се двајцата тамошни директори и се осудени по 1,5 години затвор за сериозно прекршување на јавната безбедност и за неинсталирање противпожарни апарати. Болницата треба да плати штета од миолион денари. Ова е втора пресуда на тетовскиот суд откако гостиварска апелација, лани го врати предметот на повторно судење.