Трката за обединување во „ВРЕДИ“ се забрзува. По Беса, и партијата на Изет Меџити најави распуштање на партиските органи, отворајќи го патот коалицијата да се трансформира во една политичка партија. Така, процесот на политичко консолидирање на албанскиот блок влегува во поконкретна фаза, односно се приближува кон крајната цел – ВРЕДИ да стане еден политички ентитет. Откако Беса го направи првиот чекор, сигналите од партнерите се јасни – следуваат слични потези и од останатите субјекти во коалицијата. Намерата Демократското движење, Беса и Алтернатива да настапуваат како една политичка структура веќе добива реална политичка форма. Лидерот на Демократското движење, Изет Меџити, ја поздрави одлуката на Билал Касами, оценувајќи ја како значаен чекор кон зацврстување на ВРЕДИ како единствен и силен политички фактор.
„Да, мислам дека во повеќе наврати и јас и другите лидери од Влен сме најавиле дека разговараме, преговараме, бидејќи од членството, од структурите бараат Влен да биде едно и така да биде силно. Значи го поддржувам тоа што го направи вчера Билал Касами, бидејќи тоа е чекор напред, значи кон Влен да биде едно и најверојатно, значи во следниот период истото ќе го направат и другите политички субјекти внатре во Влен, почнувајќи од моето Демократско движење. – вели Изет Меџити – градоначалник на Чаир.
Со обединувањето се отвора и прашањето кој ќе ја предводи новата партија. Меџити вели дека приоритет е изградба на заедничка платформа и идеолошка рамка, а не персонални решенија, посочувајќи дека се разгледуваат повеќе модели – од ротациско лидерство, преку колективно претседателство, до принципот „еден член – еден глас“. Во сличен тон по вчерашниот состанок на партијата и лидерот на Беса, Билал Касами, потврди дека претседателската позиција останува отворена тема и не ја исклучи можноста да преземе одговорност доколку така одлучат партнерите.

Паралелно со партиското преструктуирање, се отвора и прашањето за владините позиции. Меџити порача дека секој политички субјект има автономија во одлучувањето за сопствените кадри и дека евентуалното разрешување на Фатмир Лимани е внатрешно прашање на Беса, при што функционерите треба да се оценуваат според нивниот учинок, а реконструкцијата да донесе подобрувања во владата.
Касами, пак, соопшти дека Беса веќе ја анализира работата на своите функционери во Владата и дека наодите ќе бидат земени предвид при идната реконструкција, вклучително и за Лимани. Министерот возврати дека за неговиот ангажман треба да пресудат резултатите, предупредувајќи дека нарушување на структурата на ВЛЕН би значело чекор назад и ризик од нови политички комбинации во Владата.
Касами се осврна и на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека токму тој е мандатар и ја составува Владата. Лидерот на Беса нагласи дека се свесни за тааинституционална улога, но додаде дека додека станува збор за политичка влада во која Беса учествува како дел од вреди, партијата одлучува кој ќе биде предложен за министер од нејзините редови.
