Реклама
Македонија

Македонскиот идентитет и евроинтеграциите: Повик за единство и достоинство

Македонскиот идентитет, јазик, многувековна култура, нашата историја се најголемото богатство што го…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Македонскиот идентитет, јазик, многувековна култура, нашата историја се најголемото богатство што го имаме како држава – вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, коментирајќи ја изјавата на еврокомесарката Кос која, кога зборуваше за македонскиот идентитетборуваше за полнети пиперки и пинџур.  

– Посебно во овој регион идентитетот е сложена категорија. Да, за жал, и во 21 век е категорија која земји што се нарекуваат европски се обидуваат да ја оспорат, но за нас нема дилема дека историските личности како Делчев, Груев, Сандански се дел од нашиот идентитет, како што се и прекрасните манастири, преубавите џамии. Нашиот идентитет е и соживотот, но и јазикот што го зборувале нашите баби и дедовци, прабаби и прадедовци, и апсолутно никој нема право да го оспори тоа, односно да го оспори нашето право да го почитуваме она што е дел од нас како Македонци – изјави Муцунски по македонско-италијанскиот бизнис форум во Скопје.

И не е ни чудо што некогаш сме предмет на потсмев и кај соседите и кај меѓународните партнери. Сервилноста и политиките на понижување во минатото, прифаќањето на сите ултиматуми и услови, не само што ја доведоа Македонија во ќор-сокак, туку со години полека но сигурно си го губевме кредибилитетот. Премиерот Христијан Мицкоски го коментираше барањето за консензус од страна на опозициската СДСМ за проблемот со Бугарија. Вели дека опозицијата наместо да се консолидира и да се обедини за националните прашања, забивале нож во грб додека, како што рече, власта се бори да го реши загубеното на меѓународна сцена.

Реклама

– Ние со месеци повикуваме на консензус, но наместо тоа тие не бираат средства да ни стават нож во грб, мислејќи дека ќе им се допаднат на оние кои не ѝ мислат добро на Македонија, и дека така ќе имаат шанси да се вратат на власт. Не оди тоа така. Опозицијата испушта прилика да се консолидира. Тие, за волја на вистината, по два основни правци и столба, би рекол, го губеа својот кредибилитет. Првиот е овој за кој зборувам – распродавајќи ја Македонија, и вториот – со многу крадење. Тоа се двата основни столба, двете причини зошто секогаш кога ќе му споменат опозиција на народот, немаат поддршка. Затоа што народот гледа кој се бори за националните интереси – рече Мицкоски.

Црвените позиции на Македонија се јасни – македонскиот јазик, нација и историја не се предмет на преговори. Државниот врв и вчера на Самитот ЕУ–Западен Балкан испрати недвосмислена порака: нема отстапување од националните интереси – и затоа, повеќе од кога било е потребно да демонстрираме единство, достоинство и одлучност.

Патот на Македонија кон европското семејство е долг и трнлив, но сепак, мора да биде заснован на рамноправност, меѓусебно почитување и европски вредности. Во оваа фаза, особено е важно политичките елити да покажат зрелост, а опозицијата – наместо да напаѓа, да се приклучи кон градењето национален консензус.

Што се однесува до изјавата на Кос, СДСМ не смета дека имала лоша намера, но апелираат на внимателност кога се говори за чувствителни теми и прашања како што е македонскиот идентитет.