Реклама
Македонија

Македонската делегација се врати од САД, премиерот Мицкоски задоволен од постигнатото

Силна дипломатија, одбрана на македонските национални и државни интереси, градење добри односи…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Силна дипломатија, одбрана на македонските национални и државни интереси, градење добри односи со соседите, со сојузниците во НАТО, со земјите членки на Европската Унија. Премиерот Христијан Мицкоски задоволен од турнејата во Соединетите Американски Држави по повод Самитот на најмоќниот воено-политички сојуз, на кој се одбележа 75 годишнина од постоењето на Алијансата. Состаноците поминаа во знакот на силна поддршка за Украина, и беа испратени пораки за што поскоро да се стави крај на војната. Средбите со колегите од повеќето земји членки на НАТО, со конгресмени, бизнисмени, претставници на дијаспората Мицкоски ги искористи и за да ги аргументира позициите на Македонија во поглед на евроинтеграциите и се она што земјава го има направено за влезот во НАТО и пристапниот процес кон Европската Унија.

Според премиерот, Македонија има направено многу отстапки и сите овие години беше жртва на непринципиелни опструкции на земји членки на НАТО и ЕУ. Поради тоа, граѓаните се разочарани од неисполнетите ветувања на меѓународните политичари.

„Повеќе за нивна жал, а за добро на македонските граѓани, во македонската влада нема да гледаат политичари кои се подготвени да ја виткаат кичмата, да го ограбуваат својот народ и од друга страна да се трудат од петни жили да им удоволат, без било каква аргументација, на соговорниците, во случајов нашите соседи. Ние сме подготвени со секого да градиме добрососедски односи. Тука немаме фрустрации, ниту има било каква пречка и бариера, но, повторно, тоа мора да биде двонасочна улица“, рече Мицкоски во интервју за МРТВ.

Реклама

Повторното отворање на прашањето за името на државава, и тоа дали Преспанскиот договор се почитува или не, беше причина Мицкоски уште еднаш да му порача на јужниот сосед дека добрите односи се двонасочна улица и како Македонија и тие треба да ги исполнат обврските од Договорот од Нивици.

„Жалам што од еден ваков самит, од кој требаше да се испрата пораки на обединување, имаме политичари кои се уште мислат на поделби. Мојата порака ќе биде, каква што е впрочем во целиот овој период, приципиелна, без двојни стандарди, а тоа е дека ние сакаме да градиме добрососедски односи, апсолутно, но тоа мора да се темели на двонасочна улица“, рече Мицкоски.

Шефот на Владата го повтори ставот дека уставните измени во оваа форма се бугарски диктат. Чека да се формира политичка влада во Бугарија, за одново да почнат разговороите за пронаоѓање принципиелно решение за проблемот.

Македонската делегација во рамки на Самитот на НАТО имаше средби со врвот на Алијансата, со над 20 лидери на земји членки. Тие се сретнаа и со потсекретарот за политички прашања на Стејт Департнетот Џон Бас, со повеќе конгресмени, каде се разговарало за европската иднина на Македонија. Мицкоски оствари средба и со познатиот светски бизнисмен со македонско потекло Мајк Зафировски, и со дијаспората.

Беше договорена нова инвестиција на Вабтек од 35 милиони евра и специјална соработка со Унгарија во чии рамки Македонија ќе добие заем од 500 милиони евра кои се наменети за компаниите и општините.