Потпретседателката на Социјалдемократската младина на Македонија, Стефанија Кузмановска, учествуваше и се обрати на годишната конференција во рамките на програмата „Вили Брант“ за проширување на ЕУ на тема „Проширување на ЕУ за новата генерација: Зајакнување на младите“, а во организација на групата на социјалистите и демократите во Европскиот парламент, се вели во соопштението од СДСМ.
Во своето обраќање Кузмановска посочи дека европската перспектива на Македонија е загрозена и блокирана од актуелната власт, а сè повеќе млади ја напуштаат државата и ја гледаат својата иднина надвор од Македонија.
„Мојата генерација порасна со верување дека припаѓаме во Европската Унија. За жал, денешната реалност е многу покомплексна. Сегашната Влада се претставува како европска, но покажа дека нема политичка волја и желба за спроведување на клучните чекори, особено оние што треба да го зајакнат владеењето на правото. Секоја година илјадници млади ја напуштаат Северна Македонија и се преселуваат во земјите членки на ЕУ. Се соочуваме со сериозен предизвик на одлив на мозоци. Не само поради економски причини туку затоа што бараат функционален систем, стабилност, правичност, можности и европска иднина“, рече Кузмановска.


Таа додаде дека евроскептицизмот кај младите во Македонија расте, што е резултат на на дезинформации, со што се поткопува довербата во Унијата.
„Евроскептицизмот, особено кај младите, расте. Приближно 35 % веруваат дека Македонија можеби никогаш нема да ѝ се приклучи на Унијата. Овој тренд е поттикнат од дезинформации, манипулирани наративи и влијанието на крајно десничарската антиевропска кампања, кои ја поткопуваат довербата во ЕУ. Ова треба да биде аларм за сите нас, особено за прогресивците. Мора да го преиспитаме нашиот пристап и да го преобликуваме нашиот наратив, а одговорноста да ги браниме демократските вредности е на нас, на прогресивците, на социјалдемократите“, рече Кузмановска.
Во своето обраќање Кузамновска посочи дека социјалдемократијата останува најсилната алтернатива на авторитарните и антидемократските идеологии. Таа порача дека младите мора да бидат вклучени во сите процеси од национален интерес додавајќи дека Македонија нема план Б, единстевната реална перспектива за граѓаните, особено за младите, е членството во Европската Унија.
„Немаме план Б. Европската Унија е единствениот реален пат за економска сигурност, социјална стабилност и долгорочен просперитет. Младите ни се потребни. Не како декор на конференци, туку како вистински учесници во обликувањето на процесот, со вистински пристап, вистински информации и вистинска моќ. Наместо да ги губиме младите од Македонија, мора да ја доближиме Европа до нив“, рече Кузмановска.
