Криминалот не се ширел како „чума“ само во подземјето, туку со иста брзина ги има зафатено и државните институции. Матни зделки, рекет и изнуди како од јужно-американските филмови биле секое – дневно сценарио во Македонија. Нови ќелии ќе треба да се градат доколку сите кои без усул ги краделе народните пари, правосудниот систем ги осуди и ги транспортира зад решетки. 10-тици предистраги и истраги допрва ќе треба да се срочат во обвинение. Претпразичната работна атмосфера на обвинители, се очекува да продолжи и во новата година за да и „недопирливите“ кои се богателе со парите на народот се најдат пред лицето на правдата.
Проневерите на минатата власт се бројат на милијарди денари. Сега поранешниот вицепремиер „чист како солза“ со уцени сака да избегне затворска казна, па се крие по имоти многу веројатно купувани од парите на народот кого го лажел со години. Партијата која седна во државните фотелји со слоганите „нема правда, нема мир“, „оди си мафијо“, „блиска е слободата“ донесе спротивно од тоа што испишуваше со боја по скопските улици. Она што јавноста го дозна по промената на власта е дека СДСМ и ДУИ местеле тендери, менувале документации за да фаворизираат свои фирми, го злоупотребувале делењето на државната помош… Криминалните жички биле инсталирани по сите институции, а најдлабоко во државната ЕСМ. Поранешниот директор Васко Ковачевски кој е осомничен за злоупотреби во РЕК Битола, ТЕЦ Неготино и ТЕЦ Осломеј вредни над 6,5 милиони евра, освен „талент“ да прави пари, има дарба и за стихови.
Наместо да се избори се криминалот, Ковачевски стана негов предводник во државните електрани. Заедно со себе повлече и засега 22-јца други во случајот „Адитив“.

Неговиот шеф со исто презиме, засега е само осомничен од МВР за случајот Лотарија, но не и од обвинителството, идентично како и генералниот секретар од тој владин состав. Ексдиректорот на државните игри на среќа, пак досега со најдебело досие кај обвинителите. Штетата која ја направил се проценува на најмалку шест цифри во евра. Кривични пријави беа поднесени и против поранешните директори на Фондот за иновации – Коста Петров и Фестим Халили, за злоупотреба на службената положба за што се товари и екс министерката за Култура Костадиновска Стојчевска. Обвинителството се уште нема срочено обвинение ниту за случајот со струмичкиот бизнисмен Крмзов. Сомневањата се дека биле испумпани милиони од државната каса преку фирми на косовски државјани со измислени имиња преку фиктивен поврат на ДДВ. 9-то обвинение и одземање на пасошот за контроверзниот струшки градоначалник Рамиз Мерко. Со лисици на рацете завршија и организирани групи за дрога и за проституција од Охрид и Тетовско, терористичка ќелија основана од 21-годишен гостиварец, а разбиени беа и најголемите кланови во скопското подземје. Полицијата ја растури најзвучната „Беланоца/Барон“, со што се расчистија осум убиства кои биле сторени изминативе години. Се дозна и кој бил кртот од МВР, кој 10 минути пред акцијата, им дојавил на криминалците да бегаат ама се спаси само еден. Помладиот Буши, Ќерим, чиј татко беше заменик министер на Спасовски, оддал службена тајна на кланот од Арачиново, но не заврши зад решетки бидејќи обвинителот не побарал притвор за него. Семејните врски најзвучни се во правосудството. Таму и годинава сликата не се промени кон подобро – напротив. Врховен судија и член на Советот на ЈО признаа дека се корумпирани и земале мито оти влијаеле во предмет за екс градоначалнникот Стојчев алијас Боро Малборо. Судијата заврши со казна од само 3 години , обвинителот пак се спогоди за условна. Еден кој требаше да дели правда, местел судски одлуки – Енвер Беџети заедно со Груби заврши на црната листа на САД. Судкиот и обвинителскиот совет само со зборови останаа загрижени за случувањата, недостасуваа конкретни дела. А такви ќе видиме веќе по празниците, за кога е најавено разрешување на дел од членовите избрани од Собранието. Експретседателките Павлина Црвенковска и Весна Дамева, Селим Адеми и Тања Чачарова Илиевска многу веројатно ќе бидат разрешени оти власта „токми“ темелни реформи за враќање на довербата во првосудството.
Новата година носи не само нови надежи, туку и нови предизвици за судството Судбината на многумина ќе биде одредена во судниците, а оние кои мислеа дека ќе избегаат од одговорност, ќе мора да се соочат со реалноста. Желбата и во новата година е иста – да се зголемат скромните 2 проценти доверба.
