Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, во рамки на заедничката посета на Атина со претседателот на Врховниот суд Африм Фидани и на Судскиот совет, Александар Камбовски остварија повеќе работни средби со високи претставници на правосудните институции на Република Грција, насочени кон зајакнување на владеењето на правото и унапредување на меѓуинституционалната соработка.
Како што соопшти денеска Уставниот суд, делегацијата се сретнала со претседателката на Судот за ревизија, Сотириа Тоуни, и заменик-генералниот јавен обвинител Антонис Никитанис, при што била презентирана улогата и мисијата на оваа институција, основана во 1829 година.
Посебен акцент бил ставен на надлежностите во областа на јавните финансии, превентивната контрола на јавните набавки, како и советодавната функција на судот во однос на договорите што ги склучуваат државните органи. Биле разгледани и приоритетите насочени кон унапредување на финансиската дисциплина, управувањето и ревизорските капацитети.


Согласно агендата, делегацијата остварила средба и во Министерството за правда, заедно со постојаниот секретар Василики Ѓави, потпретседателот на Врховниот суд Панајотис Ливоропулос и заменик-јавниот обвинител Софоклис Логотетис. На средбата биле разменети мислења за натамошно продлабочување на соработката во правосудството, со акцент на размена на добри практики, зајакнување на институционалните капацитети и модернизација на судските системи. Притоа било истакнато дека претстојното претседавање на Република Грција со Европската Унија отвора можности за нови заеднички иницијативи, особено во областа на дигитализацијата.
Во овој контекст, македонската делегација ги презентирала надлежностите на институциите, при што била потенцирана улогата на Уставниот суд како гарант на уставноста и законитоста и клучен столб во заштитата на владеењето на правото и правната сигурност.
Делегацијата, како што информираат од Уставниот суд, остварила и посебна работна средба со Михалис Пикраменос, претседател на Државниот совет на Република Грција – институција со сродни надлежности во уставно-судската контрола. На средбата биле разменети искуства за оценувањето на уставноста на актите што ги донесуваат државните органи, како и за организацијата и функционирањето на двата системи. Биле разгледани сличностите и разликите во моделите на уставна контрола, при што било истакнато дека довербата во судството претставува клучен предуслов за стабилноста на демократските процеси.
-Креирањето на перцепција за недостаток на доверба во судството директно ја погодува демократијата, се согласиле соговорниците.
На средбата била изразена подготвеност за интензивирање на соработката, а претседателот Костадиновски упатил покана за возвратна посета на Уставниот суд на Република Северна Македонија, како и за учество на Балканскиот форум на уставни судови, како платформа за регионална размена на искуства и зајакнување на уставно-судската пракса.
