Идеите, предлозите, сугестиите на граѓаните ни помагаат заеднички да го компонираме тоа што е во границите на буџетот, а тоа значи заедничко формирање на буџетот на Општина Битола, истакна градоначалникот Тони Коњановски на првата сесија од традиционалниот Буџетски форум организиран од локалната самоуправа.
Пред претставници на граѓанскиот сектор, организации и институции од различни области, локалната самоуправа ги претстави можностите за користење локални средства и финансирање на проекти.

-Буџетските форуми се место на кои во директен контакт со граѓаните, форма што ја прифаќаат и други општини во државата, го планираме буџетот за 2027 година. Овој начин на транспарентност и отчетност е со цел граѓаните да бидат вклучени во работата на локалната самоуправа. Претставниците на граѓанските организации, граѓани поединци, локални претпријатија и институции слободно може да дадат свои предлози кои како и претходно ние ги реализираме, а сме ги добиле во процесот на организирани буџетски форуми – изјави, градоначалникот Коњановски.

Од Општина Битола информираа дека низ три сесии, локалната самоуправа со поддршка на граѓаните ќе ги определи приоритетите и ќе ги реализира со општински средства, но во програмите може да се сврстат и развојните планови проектирани за неколку години, друга поддршка од Министерството за финансии, како и повици за меѓународна соработка, со посебен фокус на погранична соработка.

