Донацијата од Република Полска во оперативен стол, хистероскоп и оперативно светло во вредност од неколку десетици илјади евра, денеска е ставена во функција во хируршкото одделение на Општата болница со проширена дејност во Кочани. Донацијата е реализирана во рамки на проект финансиран од Одделот за развојна соработка при Министерството за надворешни работи на Полска, со поддршка од Полската амбасада во Македонија, Министерството за здравство и Општина Кочани, и ќе се користи за гинеколошки и хируршки интервенции.

На настанот, освен полскиот амбасадор во нашата држава Мариуш Бримора, присуствуваше и министерот за здравство Сашо Клековски. Во својата изјава Клековски рече дека донациите се значајна за здравствениот систем, но, дека сепак, државата останува комплетно посветена на долгорочна модернизација на болниците во Македонија, вклучувајќи ја и кочанската болница.

Тој најави дека во текот на 2027 година, во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), ќе биде изработена физибилити-студија за модернизација на Општата болница во Кочани. Целта, како што истакна, е да се утврдат потребните инвестиции и да се дефинира распределбата на здравствените услуги меѓу болниците во Кочани и Штип, така што најпотребните услуги ќе бидат достапни поблиску до граѓаните.

-Ова не значи дека болницата во Кочани ќе биде оставена настрана. Во 2027 година ќе направиме физибилити-студија за нејзина модернизација, со цел да ја поставиме во поширок план на развој на болничкиот систем во регионот – нагласи Клековски.

Полскиот амбасадор, Мариуш Бримора, пак, порача дека неговата држава останува со граѓаните на Кочани и понатаму после трагедијата од 16 март лани и дека се надева оти донираната опрема значително ќе ги подобри услугите и условите за гинеколошко-хируршките зафати што ќе ги практикуваат специјалистите.

