Реклама
Македонија

Карневалот „Прочка 2024“ ја исполни својата мисија, од Прилеп прошката е побарана, но и e добиена

     Карневалот „Прочка 2024“ и годинава, по 22-ри пат, си ја исполни…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

     Карневалот „Прочка 2024“ и годинава, по 22-ри пат, си ја исполни својата мисија. Во еуфорична, типично карневалска атмосфера, денеска во Прилеп врие како во кошница. Доследно на многувековната традиција и во христијански дух, прошка се бара, ама и се дава на сите страни. А многубројните маскирани учесници, „преправени“ во автентични и креативни маски, најчесто изработени од природни материјали, ги бркаа злите духови, кои, според верувањата, се беше одомаќиниле меѓу нас, од лани до годинава.

  „Од сабајлето, во старите селски куќи, се збираме мажи и момчиња од различни години, во групи сите, се облекуваме и излегуваме во селото за да го истераме лошиот дух од селото. Од сабајле до вечер се црнат сите млади момчиња и девојчиња и тоа ние традицијата. Отприлика 60 до 80 килограми тежи сето ова што го носиме на нас“, ни рекоа од Карневалската група „Ратерски бамбурци“ од с. Ратево, радовишко. 

  „Овој Карневал значи многу за нас. Шетавме од сабајле до 6 часот по сите касапски куќи. Оваа година сме околу 50 маски. Има интерес. Годинава има и многу млади деца, од 10 до 15“, – велат „Прилепските мечкари“.

Реклама

  „Оваа година одлучивме да настапуваме со една доста автентична, традиционална маска – „Ткаење со разбој“. Ткаењето со разбој постоело уште oд нашите баби и прабаби. Значењето на нашата маска е да си ја зачуваме традицијата“, – открија од побројна катневалска група од Прилеп.

   „Ние сме од Пробиштип. Го претставуваме нашиот град со маската „Аватари“. Ова беше заедничка идеа со цел да го претставиме невозможното-возможно и дека среќата е едноставна и дека сите треба да бидеме среќни, без разлика што ќе ни донесе животот“, – истакнаа младите од Карневалската група од Пробиштип.

   Традиционално, организаторите и гадоначалникот, пред да го означат стартот на карневалското дефиле, најпрвин побараа, но и дадоа простување на сите граѓани на Македонија, особено во оваа изборна година.

   „Со ова докажуваме дека имаме навистина големо духовно наследство, дека ги почитуваме повозрасните. Овие маски да ги растераат лошите духови од нашите домови. Не се сметам безгрешен, и јас барам прошка од моите сограѓани, и слободно нека ми воочат каде се грешките за да можеме полесно да ги корегираме“, – порача Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

  „Во иднина ќе биде пак Меѓународен карневал со присуство на голем број странски маски“, – истакна Ванчо Ѓеорѓиев, организатор, Здружение Прилепски мечкари“.

    Карневалот завршува со доделувањето на наградите за најуспешните, а додека утре, Здружението „Прилепски мечакри“ организира ручек со познатото посно „Касапско гравче“, со што и официјално се означува почетокот на Велигденските пости.

 Каролина Дурло

https://youtu.be/9crQeC4QUns