Во најголем број од општините кампањата не менува речиси ништо, фаворитите се познати уште многу пред нејзиниот старт, а ситуацијата останува иста и сега непосредно пред изборите, сметаат познавачите. Политичкиот аналитичар Александар Ристевски за Алфа вели дека на тоа секако влијае и самиот факт што во добар дел од општините, кандидатите се знаат веќе подолг период, односно уште пред летото. Според него кампањата би можела евентуално да влијае во однос на гласањата за советничките листи.
-Во најголем дел од општините еве да кажеме 80 или 90 проценти од сите општини на територија на Македонија, мислам дека уште пред почетокот на кампањата јасно се знаеја фаворитите или оние кои што крајно ќе извојуваат победа, не за друго затоа што беа сигурно во себе, што бараат втор мандат веќе однапред ја започнаа кампањата, почнаа да работат на терен, веќе навестија што понатаму ќе работи, изјави Ристевски.
Според познавачите кампањата мина во мирна атмосфера, каде што како и претходно бевме сведоци дека покрај локалните проблеми, политичките лидери се препукуваа и за национални теми. А дека премногу нема да промени кај гласачите согласен е и политичкиот аналитичар Петар Арсовски, според него малку се местата кај што минативе 20-тина дена може да променат нешто.

-Традиционално е вистина дека кампањата не менува премногу кај расположението на гласачкото тело и дека најголем дел од гласачите се определуваат за кого ќе гласаат уште пред да почне кампањата, во текот на претходниот политички период. Кампањта може да смени три, четири, пет проценти можеби од расположението, но таму каде што резултатите се тесни и тие три, четири, пет проценти може да направат разлика, изјави Арсовски.
Уште пред да почне кампњата јасно беше во кои општини се очекува неизвесност околу изборот на нов градоначалник. Ристевски вели дека кампањата може да има влијание на тие места, односно каде што се очекува разликата меѓу кандидатите да биде многу мала.
-Таму каде што имаше нови кандидати, тие што исто така уште од време од пролетоска или во текот на летото започнаа со нивните потенцијални програми, го претставија тоа, така да мислам дека многу многу неизвеснот нема освен оние стартни општини кои ги потенциравме и во етничко албанските средини и во останатите каде што доминанто е македонско население или со мешан состав, тоа се максимум 10 општини каде што ќе се водат битки, изјави Ристевски.
Изминатите 20-тина дена, политичките партии и кандидати за градоначалници и советници, ги посетија речиси сите населени места низ државата, со цел да ги претстават своите програми пред граѓаните и да побараат поддршка. Секој се обиде да претстави дека неговата визија за македонските општини е најдобра за напредок во следните четири години.
Матеја Петровски
