Наскоро ќе биде готова првата линија на Градскиот воз од Зелениково до Нова железничка станица. Првиот човек на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски објаснува дека градежните работи се при крај. Предвидено е од септември да профункционира градскиот воз на овој потег. Овој проект е еден од клучните приоритети на Македонски Железници.
“Ова е постоечка пруга, дел од коридорот 10 и одамна е во функција, но не онака како што треба да биде. На делницата се прави реконструкција, комплетно се демонтираше целата пруга, дел од праговите се заменети со бетонски, а другиот дел, кон Скопје, со нови, дрвени прагови. Правевме тестирања и веруваме дека по комплетно завршување на градежните работи до крајот на јуни, ќе може да се вози повторно со проектираните 80 км/ч, за патничкиот сообраќај. Потоа ќе има дополнителни тестирања, но во принцип, овој крак за градски воз би требало од септември да биде во целосна функција“ – вели СИНИША ИВАНОВСКИ , ДИРЕКТОР НА МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕЗНИЦИ ИНФРАСТРУКТУРА.
Следни за изградба чекаат двете делници од Главната железничка станица, едната кон Илинден, другата кон Ѓорче Петров. Таму со години не поминал воз и праговите се во лоша состојба. Ивановски вели дека веќе е објавена постапка за двете траси и ако проектирањето заврши до септември, по изборот на изведувач, градежни работи на терен ќе има кон крајот на годинава, а делниците треба да бидат готови до крајот на 2027-мата година.

„Во ребалансот на буџетот ги баравме овие средства, да бидат во развојната програма, дел во 26-та, дел во 27-ма и можеби дел во 2028 година и се надеваме дека ќе ни биде одобрени, приоритет на владата е да имаме градски воз. Мора да имаме координација со МЖ Транспорт. Им кажавме, ние ќе ги направиме пругите, вие возовите како знаете да ги обезбедите. Дадоа збор дека од први септември, ќе има воз којшто специјално ќе биде наменет за градскиот воз и тој нема да продолжува кон Гевгелија, туку од Транспортен центар до Зелениково, во континуитет. Возниот ред го одредуваат тие, меѓутоа сигурно ќе го има повеќе пати во денот“ – вели Ивановски.
Делницата од Железничката станица кон Ѓорче Петров предвидено е да почне да се гради кон крајот на 2026-та година. Ова зад мене е дел од постоечката пруга кај скопско Визбегово која со години стои запуштена.
Скопјани едвј чекаат наместо отпадоци и високи, обраснати треви, овој дел да прерасне во модерна железница во главниот град.
Градскиот воз е само еден од проектите на Железницата. По пуштањето во употреба на делницата на Коридор 8 од Куманово до Бељаковце, интензивно се гради и втората делница од Бељаковце до Крива Паланка, а за третата конечно с еоткочија работите и железничкиот тунел ќе с егради заедно со Бугарија. Истовремено почна и проектот за обнова на трасата од Скопје до Кичево. Еден од најважните проекти, кој ќе чини над две милијарди евра, брзата пруга од Табановце до Гевгелија, е почнат уште од минатата есен. Рокот за изработка на физибилити студијата е при крај, а предвидено е железницата целосно да биде готова во 2031-ва година.
