Скопското обвинителство поведе постапка и предложи мерка притвор за Стојанче Јовановски, осомничен за наведување и помагање во самоубиство, телесна повреда и загрозување на сигурноста, во врска со трагедијата во скопската населба Карпош, во која загинаа Ивана Јовановска и нејзината шестгодишна ќерка Катја.
Според обвинителството, постои сомнение дека осомничениот, сопруг на Ивана со кого била во бракоразводна постапка, цели седум години, односно во периодот од 2019 година до 2 март, континуирано ја малтретирал физички и психички, ја навредувал, тепал и понижувал.
Обвинителството наведува дека насилството се интензивирало во 2025 и 2026 година, поради што Ивана се нашла во безизлезна состојба и скокнала од балконот на шестиот кат со својата шестгодишна ќерка, при што двете починале на лице место.

На денот на трагедијата, според истрагата, осомничениот ѝ се заканувал дека ќе ја убие и физички ја нападнал, нанесувајќи ѝ повреди. Подоцна, откако се вратиле дома, таа се заклучила во станот со детето и го извршила самоубиството.
Обвинителството бара притвор поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност за повторување на делото, а истрагата за случајот продолжува.
