Чекор по чекор, владината стратегија за развој на македонската економија добива на динамика. Мерките на Владата, во чиј фокус се инвестициите во капитални проекти ги даваат посакуваните ефекти што е особено значајно во актуелната неизвесност, пред се глобална. Парите од поволниот заем од Унгарија и законските измени во делот на градежништвото според премиерот Мицкоски се сериозен ветар во грб за домашното стопанство и за реализација на долгоочекуваните проекти во општините. Граѓаните според него не треба да стравуваат од какви било шокови.
Енергетска стабилност и нов инвестициски циклус. Македонската економија во наредниот период ќе се развива и покрај неизвесноста. Премиерот Мицкоски е оптимист и уверува дека владината стратегија е соодветна на моменталните предизвици. Меморандумот со азербејџанскиот енергетски гигант СОКАР ќе помогне да се овозможи енергетска ефикасност и стабилни цени. Што се однесува пак до кризата во Германија и евентуалното нејзино прелевање кај нас, во погоните на странските инвеститори, нема потреба од посебна згриженост со оглед на најавите за нови инвестиции:
Прв предизвик за Македонија е енергетската стабилност, а втор е кризата со автоиндустријата која се генерира во Германија. За првиот предизвик, од особена важност е постигнатиот договор меѓу ЕЛЕМ и СОКАР кој ќе овозможи евтино и стабилно снабдување со гас, што е важно за нас и за загревање на Скопје, цени премиерот. Граѓаните не треба да се грижат ќе има и нови инвестиции, порача премиерот Мицкоски.

Дополнителен поттик за домашната економија се и капиталните инвестиции, посебно оние во општините кои треба да се реализираат со поддршка од Владата. Клучни во овој процес се парите од евтиниот заем од Унгарија, кои ќе се делат преку комерцијалните банки. Финалните детали ќе се договорат во недела на состанокот со Македонската банкарска асоцијација.
Многу важно за нас е состанокот в недела за унгарскиот заем да заврши успешно, за да почнеме со користење на парите од Унгарскиот заем. Имаме бран на средства за општините, проекти запоставени од минатата влада, потенцира премиерот и соопшти дека се работи за сума од 27 до 30 милијарди денари, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Инаку, наредниот повик на Владата за поддршка на општините ќе биде објавен во февруари или март наредната година, во зависност од подготвеноста на општините. За побрзо и полесно спроведување на проектот позитивно влијаат донесените измени на законот за градежно земјиште со што ќе има ослободување од плаќање на комуналии при изградба на училишта и градинки.
За развојот на Македонија големо значење има и граѓанскиот сектор. Премиерот Мицкоски од Годишната конференција за „Соработка меѓу Владата и граѓанското општество порача дека идеите од невладините за напредок на земјава се секогаш добредојдени.
Од засилениот дијалог се очекува да се разменат заклучоци, совети и сугестии со цел да се носат поквалитетни одлуки и да се решат проблемите на граѓаните.
