Македонија ќе има повеќе придобивки од договорот со Обединетото Кралство, како стратешки и полтички, така и економски. Самото тоа што на располагање ни се ставаат 6 милијарди евра од буџетот на Велика Британија, според премиерот Христијан Мицкоски, ќе значи голем број капитални инвестиции во повеќе сегменти, кои ќе донесат голем економски напредок на државата. Најави дека веќе се договорени првите проекти, кои нема да бидат единствени, туку и во иднина ќе се искористува финансиската рамка, преку која ќе има проекти во енергетиката, транспортот, здравството и многу други делови.
-Веќе два типа на проекти се договорени за работа. Едниот е реконструкција, модернизација и изградба на уште еден колосек на пругата која што е дел од Коридорот 10, од Табановце до Гевгелија. И втората група проекти се практично во здравството и тоа е конечно завршување на Клиничкиот центар Штип, заедно со Медицински факултет и студентски дом со 200 легла, конечно завршување на болницата во Кичево и реконструкција на Клиничката болница во Тетово, изјави Мицкоски.
Ќарот од овој договор не е само економската страна, тику и политичката. Ваквите стратешки договори, посебно со моќни светски сили како што е Велика Британија, ја позиционираат Македонија на повисоко место на светската политичка сцена.

-Колку повеќе стратешки договори вакви имаме за стратешко партнерство и пријателство со големи и знајачајни светски фактори, земји како што е Обединетото Кралство, толку подобро ќе биде и за Македонија како држава, но и за граѓаните се разбира. И јас овој договор го гледам како чекор напред во таа насока и убеден сум дека овој вид на пријателства и партнерства може да донесат само добри работи, изјави Мицкоски.
Во разговорите при договарањето на стратешкото партнерство, тема биле и евроинтеграциите на Македонија. И Велика Британија, како и повеќето земји од европска Унија, биле свесни дека она што и се случува на Македонија од страна на Буугарија е целосно неразумно.
-Никој не гледа на тоа пријатно и никој не гледа тоа разумно, за жал ние имаме неразумна пречка пред нас која што пледира да биде пречка која што ќе се повторува во рамките на тој процес на преговори. Ние сакаме да преговаравме со јасен предвидлив крај, ако испорачаме мерливи резултати да добиеме полноправно членство, а не да се занимаваме со билатерални прашања, изјави Мицкоски.
Во моментов се преговараат сите параметри околу тоа на кој начин ќе се користат финансиските средства, а условите и деталите кои ќе ги добие Македонија ќе бидат убедливо најдобри досега. Мицкоски кажа дека се вклучени тимови од неговиот кабинет, од Министерството за транспорт, за финансии, за здравство. Оваа недела во официјална посета на Лондон ќе замине висока владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, при што ќе биде потпишан договорот Влада со Влада.
Матеја Петровски
