Случајот Крмзов, почнувањето на разоткривање на криминалот вреден 6 и пол милиони евра во ЕСМ, разоткривањето на терористички групи, апсења во скопското подземје, полициски влез во домот на Артан Груби и поранешниот директор на Лотарија, влезот во Судскиот совет. Неколку големи случаи во краток период, кои се доказ дека полицијата последниов период е многу поактивна во борбата против криминалот во Македонија.
Поранешниот началник во МВР Љубомир Ѓурчевски, смета дека ваквите потези покажуваат дека власта во Македонија е решена да се справи со криминалот од секаков вид.
-Факт е дека со овие активности не само она што викаме ЕСМ, Лотарија на Македонија, затоа што оној дел на ЕСМ е само еден мал сегмент, таму имаме уште поголеми криминали. Случајот Крмзов кој што исто така набрзо ќе добие свој финиш, значи каде што имавме 15-тина милиниони евра испумпување на средства од буџетот на Република Македонија, изјави Ѓучески.

Според него разбивањето на терористичка група, директно може да спаси човечки животи. Последниве години државата, пред се Скопје беше сведок на низа клановски убиства, за кои со долго време немаше решение. Ѓурчески вели дека е добро што конечно се влегува во битка против оние кои со години нечепнати вршеле тешки кривични дела, како што беше апсењето на неколку локации во Скопје, во Чаир, Грчец, Арачиново и Сингелиќ.
-Во последниве години едноставно беснееја на улиците на Скопје и вршеа еден куп кривични дела во делот на трговијата со дрога, насилствата рекетот, изнудите пукањето, убиствата меѓусебни, оние клановски пресметки, изјави Ѓурчески.
Доказ дека полицијата работи на секој сегмент во борбата со криминалот е и тоа што почнаа да се разоткриваат и низа финансиски малверзации.
-Факт е дека Обвинителството и Министерството делуваат во сите сегменти на организираниот криминал, било да е тоа финансискиот криминал, со перењето на пари. Мислам дека борбата со криминалот и криминалните групи во Република Македонија и тоа како правилно и сериозно се води, изјави Ѓурчески.
Борбата против криминалот е една од главните цели на власта во Македонија. За наредниот период се најавени отворање низа 10-тици процеси против функционери од поранешната власт.
Матеја Петровски
