На пленарна седница на 10 јуни ќе биде ставена на дневен ред интерпелацијата поднесена од опозицијата за министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, а на истата седница ќе биде и Законот за правична застапеност, што ќе се носи во редовна постапка, изјави денеска претседателот на Собранието, Африм Гаши, по редовниот брифинг со новинарите. Гаши потврди дека до неговиот Кабинет е пристигната и денеска поднесената интерпелација за министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
-Што се однесува до интерпелациите ќе бидат ставени на дневен ред на седници како што е пропишано со Деловник. Веќе за првата интерпелација, прва наредна седница ќе биде 10 јуни и токму на таа седница ќе биде разгледана интерпелацијата за министерот за земјоделство. Другите две интерпелации, првата за министерот Тошковски, денеска е доставена и ќе биде испратена до сите пратеници и истата ќе подлежи на тие рокови на Деловникот – рече Гаши.
За најавите на СДСМ дека ќе поднесе интерпелација за него, Гаши вели дека не е доставена, но доколку биде ќе се постапи согласно Деловникот.

Претседателот на Собранието вели дека назначувањето на претседавач со Комисијата за финансирање го направил согласно Деловникот и дека не направил повреда.
За законот за правична застапеност, што ќе се носи во редовна постапка, вели дека ќе има можност за јавна расправа и за вклученост на експертската јавност.
-Во Собранието сите пратеници ќе дејствуваат согласно Деловникот и етичкиот Кодекс. Во позитивна атмосфера ги повикувам сите пратенички групи да допринесат за поквалитетно носење на овој закон. Ако имаат покреативни идеи, амандмани, може тој и да се дополни – рече Гаши.
Законот, вели тој, го мина и филтерот на Венецијанската комисија и посакува тој да биде донесен во демократска атмосфера и во најквалитетна форма.
-Тој е столбот на Охридскиот договор. После 25 години првпат се носи закон за правична застапеност и се надевам дека ќе биде и поквалитетен и ќе биде во служба на граѓаните – рече Гаши.
