Реклама
Прилози

Една изборна единица: Идејата повторно се појави преку ноќ, ќе опстои или ќе исчезне?!

Може една изборна единица, но таа треба да биде убаво осмислена, инаку…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Може една изборна единица, но таа треба да биде убаво осмислена, инаку може само да создаде хаос во Собранието и политичка криза при формирање на некоја нова идна Влада. Според познавачите оваа изборна реформа е потребна во Македонија, но мора да биде направена со подетална анализа. Политичкиот аналитичар Љуљзим Фаризи вели дека мора да има изборен праг, бидејќи не би смеела секоја помала политичка партија да добие народен избраник.

-Јас мислам дека треба да биде една изборна единица, но претпоставувам дека мора да има праг, бидејќи без праг ќе биде многу тешко како да се прават комбинациите, односно составувањето на Владата. Тогаш ќе се најдеме во една како други држави, па и во регионот на пример Косово, кои не можат да состават Влада еден долг период и тоа создава нестабилни институции и пред се политичка криза, изјави Фаризи.

Предлогот за една изборна единица во Собранието го врати ЛДП. Сите политички партии од македонсиот блок прифаќаат ваков изборен модел, а засега барем декларативно не го одбиваат ниту оние од албанскиот блок. Од Вреди велат дека ќе анализирале, па ќе го кажеле својот став. ДУИ, кои пред минатите парламентарни избори беа жестоко против една изборна единица и бараа модел со три или осум, сега велат дека се подготвени да прифатат, но имале свои услови, односно изборен праг три до пет проценти и отворени листи. Фаризи не гледа искреност во ваквиот став на интегративците, бидејќи партиите од албанските блок најмногу би загубиле. Во моментов со донтовиот модел, односно шест изборни единици, каде од секоја влегуваат по 20 пратеници, најмногу добиваат токму тие. Односно ако за еден мандат во првата изборна единица се потребни меѓу осум и десет илјади гласови, во шестата најчесто се доволни околу 6 илјади, каде најголемиот број пратеници ги добиваат партиите од албанскиот блок.

Реклама

-Првите кои ја дадоа идејата за една изборна единица токму беа албанските политички партии, бидејќи ги лажеа граѓаните, односно албанските гласачи, дека ако бидеме една изборна единица Албанците ќе имаат 40-45 пратеници, 50 пратеници. Идејата за осум изборни единици, три изборни единици покажува колку се во длабока криза за наоѓање на гласови, изјави Фаризи.

Доколку се спроведе реформата со една изборна единица, тогаш би постоеле единствени листи со 120 пратеници. Еден од моделите кои се споменуваат се и отворените листи, што би значело гласачите да гласаат директно имиња на кандидати, а не за кандидатски листи.

Матеја Петровски