Незапаметен хаос на Клиниката за неврологија.Државниот завод за ревизија утврдил низа неправилности во работењето на оваа установа за 2023 година. Не се регистрирале донациите на лекови за ретки болести, биле ангажирани медицински сестри, болничари и лица на шалтер на договор на дело.А најскандалозно е што во системот „Мој термин“ во 2023 година биле закажани и реализирани 2.732 термини, што е само 13 проценти од задолжителните прегледи кои Клиниката имала обврска да ги закаже.
„За потребите на клиниката од Министерството за здравство во текот на 2023 година доставени се лекови во износ од 215.149 илјади денари, а состојбата на неискористени лекови на крајот од годината изнесува 30.142 илјади денари. Со цел да има увид на расположливите количини на лекови со кои ЈЗИ располагаат и да се намали ризикот од дефиците на потребните лекови за ретки болести од 1 јуни 2023 година министерството има воспоставено модул и води електронски регистар за ретки болести во рамки на системот Мој термин. Приемот и издавањето на овие лекови не е евидентирано во сметководствената евиденција на клиниката односно воспоставена е пракса да се води во рачни т.е. помошни книги” – се вели во извештајот во ДЗР.
Нотирано е дека биле ангажирани здравствени работници со договор на дело, без согласност од Министерството за финансии, а била утврдена и несоодветна контрола на користење на услуги од Службата за заеднички работи.

“За првите седумм месеци договорите склучени преку јавната установа за заеднички работи, а клиниката нема доставено барње за добивање согласност од Министерството за финансии. За останатите пет месеци договорите на дело се склучени директно со клиниката за неврологија, за што е доставено барање, но не е обезбедена согласност. Наведената состојба не е во согласност со Законот за трансформација во редовен работен однос“, се наведува во извештајот на ДЗР.
Дополнително, во 2017 година на Клиниката е формирана комисија за третман со имуно-модулаторна терапија која не работела согласно официјално усвоени протоколи за лекување со овој вид терапија. Критериумите за лекување изготвени на клиниката биле генерални, непрецизни и со нивното применување има ризик за нецелосна транспарентност при изборот на пациенти кои ќе бидат вклучени на терапијата, предупредуваат ревизорите.
ДЗР потенцира дека не е обезбедена и транспарентност, контрола и следење на активностите и целосна наплата на приходите за Клиниката од клиничките испитувања. Дополнително, во дел од спроведените постапки за јавни набавки била утврдена несоодветна примена на Законот за јавни набавки.
