Националната проценка на сајбербезбедноста во енергетскиот сектор и методологијата за воспоставување Енергетски CSIRT ќе бидат претставени на настанот „Сајбербезбедност во енергетскиот сектор: Од проценка до отпорност – Патоказ за Енергетскиот CSIRT“, што ќе се одржи денеска и утре во Скопје.
Настанот се организира во рамки на проектот „Сајбербезбедност за отпорна дигитална иднина“, чија цел е зајакнување на сајбербезбедноста и отпорноста на критичната енергетска инфраструктура во државата.
Како што информираат организаторите, ќе бидат презентирани клучните резултати од проектот, вклучително и националната проценка на состојбите во енергетскиот сектор и пристапот за формирање на Енергетски тим за одговор на компјутерски безбедносни инциденти (CSIRT).
На отворањето се најавени обраќања на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Ацо Ристов, државната секретарка во Министерството за дигитална трансформација Гордана Клинчарова, амбасадорката на Словачка во земјава Ивета Хрицова и заменичката на постојаниот претставник на УНДП во Северна Македонија Ана Чернишова.

