Мајмунски сипаници и во Македонија. Двајца мажи од Скопје на 40 и 44 годишна возраст се потврдени случаи. Едниот од нив е хоспитализиран на скопската инфективна клиника. Вториот се уште не се пријавил на ниту една од клиниките. Заболените пред надлежните тврделе дека не ја напуштале државата и не се поврзани еден со друг.
Според податоците со кои располагаме, според нивните искази станува збор за неповрзани случаи, не патувале некаде, повторно кажувам ова се нивните искази, кои се уште не знаеме дали се веродостојни. Не би навлегувале во деталите повеќе за епидемиолошката анкета за да се заштити приватноста“, изјави Марија Андоновска, директор на ИЈЗ.
40 годишниот скопјанец синоќа бил примен во болница и неговата состојба е стабилна.

„Пациентот е во одлична здравствена состојба , освен лезиите што тој ги има во одредена регија на телото од кои е земен примерок и со лабораториско докажување потврдено е присуство на мајмунска сипаница. Вториот пациент не се појави“, изјави Директорот на Универзитетската Клиника за Инфективни болести и фебрилни состојби, Фадил Цана.
Надлежните апелираат да не се шири паника, дека не е ново заболување и веќе има протокол за лекување.
„Сакам да ве информирам дека веднаш се пристапи кон координација со институциите и епидемиолошка анкета на потврдените два случаи. Информиран е директорот на инфективната клиника и санитарниот здравствен инспекторат. Дненеска утрово одржавме повеќе координативни состаноци заедно со институтот за јавно здравје и СЗО за тековните активности и понатамошните активности кои следат“, изјави Јовица Андоновски – заменик министер за здравство.
Мајмунските сипаници се вирусна болест слична на големите сипаници, но со поблага симптоматологија. Се пренесува од човек на човек, преку контакт со заразен материјал од повреда или течности од кожата, устата или половите органи, вклучително и преку допирање, близок контакт и секс. Може да се распространува и при зборување, кашлање или кивање. Симптомите се слични како и за другите сипаници: температура, трески, главоболка, мускулни болки, болка во грбот, отечени лимфни јазли, замор, исип. Периодот на инкубација е од пет до 21 ден .
