Доживотен затвор за познатиот штипски угостител Стојанче Зарков-Грофот за убиство на неговата мајка. Основниот суд во Штип пресуди најстрого за извршениот фемицид лани во август, кога Зарков со нож ја уби неговата мајка во семејната куќа во Штип. При читањето на денешната пресуда, судијата Сашко Георгиев рече дека станува збор за најтешко кривично дело – убиство, при што судот ја изрекол најстрогата казна водејќи се од тежината на делото.
„Станува збор за најтешко кривично дело убиство. Заштитата на човековиот живот има апсолутен карактер и животот е природно човеково право. При изрекување на оваа казна, судот се водеше од фактот дека е кривично дело извршено во семејно насилство, во едно заедничко домаќинство во кое заедно живееле сторителот и жртвата“, рече судијата Сашко Георгиев.
Според архивите на штипскиот Основен суд, Зарков дури трипати бил осудуван за семејно насилство врз своите родители.

„Симптоматично за овој суд и Совет е тоа што со овие пресуди, во две од нив исто така Стојанче, со нож со сечиво од 15 см, им се заканувал на своите родители“, рече при читање на пресудата судијата Сашко Георгиев.
На убиството, кое се случило околу 2 по полноќ, му претходела семејна расправија, при што во даден момент Стојанче со нож нанел убодна рана во левата страна на вратот. Со пресекување на каротидната артерија, 84-годишната жена искрварила до смрт.
Пресудата на Зарков е трета изречена казна доживотен затвор во Основниот суд во Штип од 2020 до денеска. Една од нив беше изречена лани за убиецот на штипјанката Емилија Пешева.
