ДДВ-то за горивата се враќа од 10 на 18%, но намалените акцизи од два денари по литар остануваат во сила. Издејствуван е повторно и попуст од снабдувачот ОКТА од два денари по литар кој стартува од утре. Владата на вонредна седница одлучи да ја продолжи мерката за акцизи од 13,5 денари за дизелот и 20 денари за бензините по литар до средината на јуни. Премиерот Мицкоски вчера најави дека очекува веќе во вторник дизелот подрастично да поевтини за 6 до 6,5 денари по литар, а цените на бензините да останат непроменети или пак да бидат покачени за половина денар по литар. Сепак, поради попустот од ОКТА, сега се очекува и бензините да поевтинат за 1,5 денар по литар.
„Со овие мерки и согласно нашите пресметки очекуваме цената на дизел горивото да се намали за 6,5 денари по литар, додека цената на бензините ќе биде намалена за 1,5 денар по литар. Ова претставува конкретна и директна поддршка за граѓаните, транспортниот сектор, земјоделците и стопанството во целина. Намалувањето на цените на горивата ќе придонесе кон намалување на трошоците за живот и работење, како и кон задржување на ценовната стабилност во услови на глобални економски предизвици“ – соопштуваат од Влада.
Македонија и натаму има најниски цени на горивата на Балканот. Додека кај нас бензините се продаваат за под 90 денари по литар , а дизелот за 92 денари, во Бугарија цените на горивата се за околу 3 денари поскапи, исто како и во Босна и Херцеговина. Помеѓу 100 и 120 денари по литар се продаваат нафтените деривати во Црна Гора, Хрватска, Србија. Највисоки цени во регионот имаат Албанија и Грција од над 120 денари по литар.

Токму поради најниските цени, граѓани од соседните држави масовно точеа бензин на пограничните бензински станици. Мицкоски рече дека во одредени денови потрошувачката поради оваа појава била зголемена и за 50%. И покрај тоа, Македонија добро се справува со притисокот и засега нема ограничувања на полнењето на горива.
Инаку на глобално ниво, загриженоста од недостаток на енергенси расте. Меѓународниот монетарен фонд алармира дека поради војната на Блискиот Исток притисокот е најголем врз помалку развиените економии. Оттаму наведуваат дека иако засега светото покажува отпорност, сепак зголемени се ризиците во делот на снебдувањето, како и цените на горивата, гасот и земјоделските ѓубрива.
