Силно верувам во моќта на културната дипломатија, која е и треба да биде авангарда за политичката дипломатија, односно војска која е пред времето и ги гледа целиот терен и целата слика и која не војува, туку отвора и создава нови канали на комуникација за подобро запознавање и споделување на сите заеднички, слични или разновидни вредности – вели македонскиот режисер и директор на „Киненова“, Небојша Јовановиќ, во пресрет на Фестивалот на грчкиот филм, кој од утре до петок петти пат ќе се одржи во Скопје говорејќи за можностите за продлабочување на кинематографската соработка меѓу Македонија и Грција.
Јовановиќ минатата седмица учествуваше на филмскиот фестивал на грчкиот остров Аморгос, а во разговор со дописничката на МИА од Атина ги пренесува впечатоците, но и искуствата од ова негово прво учество на конкретниот меѓународен собир. Во улога, пак, на уметнички директор на Фестивалот на грчкиотфилм, говори и за она што македонската публика ќе може да го види во Скопје, но и за културната соработка со Грција, посочувајќи дека е „особено важна на секое ниво“.
За „Аморгос филм фестивал“ вели дека имал чест и задоволство да биде во друштво на негови колеги од разни делови на светот, кои се занимаваат со филмот како медиуми, но и со туристичкиот филм, со кој ги промовираат своите земји.
– Можам да кажам дека она што го видов е дека најголем дел од европските земји одамна ги имаат увидено моќта и влијанието што еден филм или едно добро изработено туристичко видео може да го има врз туризмот и целокупната промоција на земјата – посочува Јовановиќ и додава дека еден филм може да има свое влијание во туризмот и економијата на една земја, а и колку е тоа важно за една мала земја како што е нашата.
Во интервјуто говори и за стереотипите поврзани со нашиот регион објаснувајќи дека еден од најприсутните е очекувањето дека „балканскиот филм нужно мора да зборува за војни, конфликти, сиромаштија, политички трауми, социјална неправда или тешките историски околности во кои живеел и сè уште живее овој регион“.
– За да ги надминеме овие стереотипи, мислам дека не треба да се обидуваме да изгледаме како некои други кинематографии, ниту да ја напуштиме сопствената автентичност за да бидеме прифатени на меѓународната сцена. Напротив, треба да имаме повеќе храброст да бидеме свои, да истражуваме разни жанрови, естетики и наративни форми и да им дадеме простор на новите генерации автори – вели режисерот.
Се осврнува и на Фестивалот на грчкиот филм во Скопје, кој почнува утре и објаснува дека македонската публика на ова издание може да очекува „Женски поглед“, односно филмски приказни, перспективи и гласови на жените во филмската уметност.
– Заедно со сите мои колеги и соработници од Амбасадата на Хеленската Република во Скопје едногласно одлучивме ова издание, кое е мал, но голем јубилеј за нас, да го посветиме на храбрите и силни жени, филмски авторки од разни генерации и епохи на филмската индустрија во Хеленската Република и особено се гордееме на тоа – објаснува Јовановиќ.
Додава дека една од мисиите на овој фестивал не е само промовирање на грчката филмска уметност и култура, туку создавање можности за соработки и унапредување на целокупниот дијалог помеѓу двата народи и двете држави.
Јубилејното петто издание на Фестивалот на грчкиот филм ќе се одржи од 25 до 27 ноември 2026 година во Кинотеката во Скопје со три долгометражни и два краткометражни филма од грчки авторки.
_28iPq6QC3/large.webp?use_watermark=1)
Минатата седмица учествувавте на Меѓународниот фестивал на островот Аморгос, што воедно е Ваше прво учество на конкретниот фестивал, пред сè, какви се впечатоците и колку е важно за Вас присуството на еден ваков меѓународен културен настан?
– Најпрвин, навистина ми беше чест што сум поканет на еден ваков настан, кој успешно спојува две значајни области, филмот и туризмот. Ми беше предизвик да ги согледам нивните допирни точки и влијанието што го имаат или може да го имаат меѓусебно, како и да го откријам овој уникатен значаен меѓународен настан. Пред да дојдам на островот Аморгос, каде што се одржува, искрено знаев само дека таму е сниман култниот филм „Големото синило“ на Лук Бесон и тоа беше повеќе од предизвик за мене да бидам таму. Иако овој филм е еден од оние што е дел од мојата младост и кој имал силно влијание врз мене, особено амбиентот и пејзажите во него, кои ми се силно врежани во меморијата, јас бев пријатно изненаден од неговата неверојатно автентична дива убавина, од питорескните надреални пејзажи, убавината на морето, а особено од сочуваниот островски дух и од менталитетот, кој најсилно се рефлектира во зачувувањето на природната убавина и наследство, како и културното наследство и традицијата, кое најсилно се рефлектира во архитектурата, која во ниеден агол не е нарушена од типичната архитектура за тој остров. Едноставно, не постојат зборови ниту фотографии ниту видеоснимка која може да ви го долови она што можете да го доживеете таму, на секој агол ве изненадува нова неверојатна глетка, која како да е од друга планета. Љубезно ве пречекуваат мештани, но насекаде амбиентот ве потсетува дека вие само можете да ги почитувате локалниот живот, навиките и вредностите и да се стопите со нив и не можете да го наметнувате својот ритам и стил на живеење.
Во овој дух се одвиваше и самиот фестивал, каде што низ многу презентации сите учесници се запознавме со животот и предизвиците на островот во минатото, но и во сегашноста, а дознавме многу и за моќта на филмот и видеоиндустријата во промоцијата на една земја или регион.
Со еден збор, воодушевен сум од гостопримството, од целата програма, преку која сите учесници од разни страни на светот се запознавме со историјата и традицијата на островот и сум крајно благодарен за поканата на основачот и директор на фестивалот, Ирини Јанакопулу. Таа е неверојатна жена, која со огромна страст го шири гласот за убавините на својот остров, но и на нашата амбасадорка во Атина, Маја Апостолова, за препораката да бидам дел од овој прекрасен настан.

На панел-дискусија со Ваши колеги дискутиравте за „Сликата за едно место: Киното, стереотипите и приказните што ги раскажувате“, каква е „филмската слика кај нас“ и кои „приказни ги раскажавте“ вие?
– Имав чест и неверојатно големо задоволство да бидам во друштво на мои колеги од разни делови на светот кои се занимаваат со филмот како медиум, но и со туристичкиот филм, со кој ги промовираат своите земји.
Можам да кажам дека она што го видов е дека најголем дел од европските земји, одамна ја имаат увидено моќта и влијанието што еден филм или едно добро изработено туристичко видео може да го има врз туризмот и целокупната промоција на земјата.
Фокусот на мојата презентација беше на тоа како филмската уметност може да биде огромен промотор на културата, традицијата и убавините на една земја. Имаме неколку светли примери за тоа, што е најмногу влог на филмските автори. Но, за жал, нашата држава не ги има искористено овие потенцијали. На пример, на островот Аморгос, речиси и да немаше презентација од локалните гости, а да не се спомене големиот филм на Бесон, „Големото Синило“. На секоја туристичка тура или раскажување на историјата и претставување на убавините на островот, се споменуваше гостувањето на Лук Бесон на островот уште пред да биде сниман филмот, сите места каде е сниман и приказната околу филмот. Се споменуваше и колку после овој филм островот добива нова туристичка перцепција за него, која претходно ја немало. Замислете колку само може еден филм да има влијание во туризмот и економијата на една земја, колку е тоа важно за една мала земја како што е нашата. Нашиот најсветол пример од тој аспект е филмот „Прашина“ на Милчо Манчевски, каде играа големи американски актерски ѕвезди, а пејзажите во Мариово глумеа простори не само од нашата земја од почетокот на дваесеттиот век, туку и од дивиот запад на Америка. Прашање е колку е тоа искористено од нашата земја. Околу овие поенти се одвиваше мојата презентација и учество во дискусијата на фестивалот.
Она што го заклучив е дека голем дел од земјите, успешно го спојуваат маркетингот и видеото во филмската уметност, значи маркетинг експерти и филмски уметници, кои создаваат ремек дела од туристички видеа или филмови. Истите тие беа во фокусот на фестивалот.

Дали сметате дека балканските кинематографии сè уште се соочуваат со одредени стереотипи и предрасуди на меѓународната филмска сцена и како можат да се надминат?
– Мислам дека еден од најприсутните стереотипи е очекувањето дека балканскиот филм нужно мора да зборува за војни, конфликти, сиромаштија, политички трауми, социјална неправда или тешките историски околности во кои живеел и сè уште живее овој регион. Се разбира, тоа се важни теми и тие се дел од нашата колективна меморија, но Балканот не може и не смее да се сведе само на нив. Понекогаш имам впечаток дека од нас се очекува да ги раскажуваме токму оние приказни што меѓународната публика веќе ги препознава како „балкански“. Вистинската вредност на една кинематографија е токму во нејзината способност да ги изненади тие очекувања, да понуди поинаква перспектива и да зборува за универзални човечки теми преку сопствениот културен и уметнички идентитет. За да ги надминеме овие стереотипи, мислам дека не треба да се обидуваме да изгледаме како некои други кинематографии, ниту да ја напуштиме сопствената автентичност за да бидеме прифатени на меѓународната сцена. Напротив, треба да имаме повеќе храброст да бидеме свои, да истражуваме различни жанрови, естетики и наративни форми и да им дадеме простор на новите генерации автори. Подеднакво важна е и улогата на филмските фестивали. Тие не треба само да ги претставуваат веќе афирмираните автори, туку и да создаваат простор за нови имиња, помали кинематографии и филмови кои можеби не се вклопуваат во воспоставените очекувања, она што го прави „Киненова“, низ целата својата програма како фестивал.
Токму преку таков однос кон филмот и кон сите дисциплини, размена и меѓусебно запознавање можеме да ги менуваме перцепциите. На крајот, би рекол дека не треба да се бориме против стереотипите обидувајќи се да докажеме дека Балканот е нешто друго, туку треба да му дозволиме на светот да ја види сета негова сложеност, различност и креативност. Балканскиот филм не мора да биде препознатлив само по тоа од каде доаѓа, туку, пред сè, по тоа што има да му каже на светот.

Дали фестивалските гостувања како ова на Аморгос можат да отворат нови можности за вас лично, особено во поглед на регионалните партнерства и идните програмски соработки на ниво на фестивали, особено затоа што вие водите еден од најзначајните меѓународни филмски настани во земјата, „Киненова“?
– Ова е навистина интересен спој и можам да кажам дека преку „Киненова“, ние меѓу другото, ја вршиме и функцијата на промотор на земјата преку промовирање на македонската кинематографија, но и на нејзините убавини, преку бројни туристички тури. Ние сме особено фокусирани на винските тури, бидејќи сметаме дека винскиот туризам е на многу високо ниво и има што да понуди. Нашите гости си одат воодушевени после фестивалот, не само заради програмата, туку и заради фестивалската атмосфера и откривањето на вкусовите и неверојатните убавини на Македонија.
Во таа насока, за мене беше инспиративно да увидам како еден меѓународен филмски настан, силно ги промовира локалните вредности, регионот и сопствената земја, нешто што како сегмент имам во план во иднина посебно да го развиваме на фестивалот.

Каква улога имаат филмските фестивали во поврзувањето на режисерите, продуцентите и филмските професионалци од различни земји?
– Во таа смисла, фестивалите ја играат клучната улога. Всушност, на фестивалите се развиваат филмските приказни, се подобруваат, се интернационализираат, се создаваат партнерства, копродукции. На пример, на нашиот фестивал, кој сè уште нема високоразвиен индустриски сегмент, веќе имаме примери на копродукции, филмови чии приказни се развивани на работилници на фестивалот. На пример, еден толку значаен светски филмски автор како што е истакнатиот турски режисер Зеки Демиркубуз, својот последен филм „Живот“ започнува да го реализира токму на „Киненова“, во 2018, каде и ги запознава своите копродуценти.
_5FXZQaA81/large.webp?use_watermark=1)
Утре во Скопје почнува петтиот Фестивал на грчки филм што веќе стана традиционален. Што може оваа година да очекува македонската публика?
– Македонската публика на ова издание на фестивалот може да очекува „женски поглед“, односно филмски приказни, перспективи и гласови на жените во филмската уметност. Заедно со сите мои колеги и соработници од Амбасадата на Хеленската Република во Скопје, едногласно одлучивме ова издание, кое е мал, но голем јубилеј за нас, да го посветиме на храбрите и силни жени, филмски авторки од различни генерации и епохи на филмската индустрија во Хеленската Република и особено сме горди на тоа.
_vmshYWDem/large.webp?use_watermark=1)
Кои филмови од Грција оваа година пристигнуваат во Македонија?
– Ова издание на Фестивалот свечено го отвораме со еден, по многу нешта, исклучителен филм „Длабочината на океанот“ на младата, но многу перспективна грчка режисерка Константина Коѕамани. Ова е филм кој тематски не реферира на Хеленската Република, туку на современа Јапонија и ја следи приказната на повеќе тинејџерки во Јапонија, кои се обучуваат да станат професионални сирени за да го продлабочат чувството на уживање на туристите во туристичките комплекси. Филмот ги истражува темите на женскиот идентитет, созревањето, но и менталитетот на заробеност во светот кој притиска да бидеш успешен по секоја цена.

Колку е важна соработката меѓу Македонија и Грција во областа на филмот и културата? Дали постојат можности за дополнително продлабочување на оваа соработка со некои конкретни заеднички проекти и копродукции?
– Според мене, соработката помеѓу Македонија и Грција е особено важна на секое ниво, професионално, социјално, општествено и секако, државно. Првенствено заради тоа што сме соседи отсекогаш, затоа што имаме многу голема менталитетска блискост и според мене, многу повеќе допирни точки отколку што мислиме или сме уверени. Другиот аспект е тоа што Хеленската Република е држава со далеку поголемо искуство и историја во практикувањето на демократијата и демократските вредности што може да биде од голема корист и интерес за нас како земја и општество, преку пренесување на искуства во функционирање на општествените и државните институции.
Токму тоа е и една од мисиите на овој Фестивал на грчки филм во Скопје, која не е само промовирање на грчката филмска уметност и култура, туку создавање можности за соработки и унапредување на целокупниот дијалог помеѓу двата народи и двете држави. Јас силно верувам во тоа и силно верувам во моќта на културната дипломатија, која е и треба да биде авангарда за политичката дипломатија, односно „војска“ која е пред времето и го гледа целиот терен и целата слика и која не војува, туку отвора и создава нови канали на комуникација за подобро запознавање и споделување на сите заеднички, слични или различни вредности.
Најконкретно преку гостувањето на авторите, претставници на филмовите кои ќе бидат прикажани на фестивалот, и преку трибината која ја планираме, на која ќе учествуваат неколку жени авторки од Грција и Македонија, најконкретно ги поттикнуваме и овозможуваме да се случуваат овие потенцијални копродукции или друг вид на соработки.

