Реклама
Економија

Димитриеска-Кочоска и Филипче ќе седнат на заедничка маса за буџетот и задолжувањата

Кој знае подобро математика? Министерката за финансии или лидерот на СДСМ? Венко…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Кој знае подобро математика? Министерката за финансии или лидерот на СДСМ? Венко Филипче ја прифати поканата на Гордана Димитриеска Кочоска да седнат на заедничка маса за да ја разјаснат вистинската состојба на буџетот. Министерката за финансии се одлучи на овој потег по континуираните напади од СДСМ за состојбата на државната каса. Таа објаснува дека наспроти, како што ги нарече хистеричните прес конференции на опозицијата полни со невистини, погрешни толкувања и политички конструкции, бројките не лажат. Димитриеска Кочоска објаснува дека наспроти економскиот раст од 1,8% за 7 години владеење на СДСМ, сега економијата расте со 3,5%. Таа вели дека платите се зголемиле за 10%, капиталните инвестиции се на историски највисоко ниво, но најголема разлика има кај јавниот долг. За 7 години СДСМ двојно го зголемиле од 4,8 на речиси 9 милијарди евра, пари кои треба да ги враќа оваа Влада.

„Минатата година беше отплатена еврообврзница од 500 милиони евра. Оваа година за отплата е еврообврзница од 700 милиони евра, исто така земена од владите на СДСМ. Половина од оваа обврска веќе е сервисирана, а остатокот ќе биде сервисираран во текот на јуни 2026 година. Од 2026 до 2031 година државата има обврска да сервисира околу 9 милијарди евра по основ на главнина и камати од стари долгови. Само од втората половина на 2024 година до првиот квартал од 2026 година беа обезбедени 1,2 милијарди евра исклучиво за сервисирање на еврообврзници земени од претходната власт“ – вели Димитриеска Кочоска.

Лекарот Филипче прифати да и докажува на министерката дека се точни неговите пресметки. Тој рече дека неговиот тим е подготвен за отворена дебата која ќе се темели на бројки, а не на, како што вели, политички конструкции. Сепак, истакна дека не сака средба во четири очи, туку на неа да бидат присутни и медиумите.

Реклама

„Добро. Доаѓаме. Но, да дојдат и медиумите со камери. Отворете ги вратите широко, нека слушаат и нека гледаат граѓаните. Нека ни објасни како 1+2=5, како што објаснуваше дека половина Европа ќе банкротира, а Македонија ќе стане богата“ – вели Филипче.

Инаку, Филипче вчера на прес-конференција рече дека буџетот е пред колапс и нема пари за повисоки плати, пензии и антикризни мерки. Министерката за финансии неколку пати потенцираше дека буџетот е во добра кондиција и дека е задоволна од постигнатото. Во моментов се крои и ребалансот на буџетот за 2026-та година. Најголем дел од министрите веќе остварија состаноци со министерката, по што ќе се знае ревидираната државна каса.