Реклама
Македонија

ДЕТАЛИ: Одговорните во „Пулс“ биле свесни дека клубот не ги исполнува законските услови – Општината редовно примала уплати за надоместок, но градоначалниците не ги извршувале своите обврски

Основното јавно обвинителство Кочани донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 27…

Сподели:

Основното јавно обвинителство Кочани донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 27 физички и три правни лица, за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.

Сите осомничени во периодот од 2012 година до 16.03.2025 година, заеднички, но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности, не постапиле според прописите за мерките за заштита, што довело до опасност за животот и телото на луѓето и голема материјална штета.

Верижните пропусти и незаконски дејствија на одговорните и службените лица довеле до тоа да се предизвика пожар при користење на пиротехнички средства на 16.03.2025 година, за време на настапот на музичката група ДНК во клубот „Пулс“ во Кочани, при што животот го загубија 59 лица, меѓу кои 6 деца, а повредени беа 197 лица, од кои 25 деца.

Реклама

Во моментов се работи на собирање докази за други лица и истрагата ќе се прошири кои се биле свесни дека нивните дејствија или неактивност може да доведат до штетни последици, сепак се согласиле со нивниот исход и придонеле за катастрофата.

Трoјца осомничени се јавуваат како одговорни лица, сосопственици или управители во правното лице, чија подружница е клубот. Првиот од нив е закупец на објектот каде се наоѓа клубот, реален сопственик и носител на целокупниот деловен потфат. Објектот, кој бил наменет за лесна индустрија и се наоѓал во индустриска зона, не ги исполнувал условите да биде пренаменет во угостителски објект – кабаре, согласно Законот за угостителска дејност, но осомничените незаконски добивале лиценца и организирале угостителски услуги. Сите биле свесни дека клубот не ги исполнува законски пропишаните услови за вршење на угостителска дејност.

Постои основано сомнение дека првоосомничениот, во периодот од 13.02.2024 година до 13.02.2025 година, директно на осомничено службено лице во Министерството за економија му дал паричен износ за да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши, обезбедувајќи фалсификувана службена исправа – лиценца за угостителска дејност. Поради тоа, против вработениот во Министерството за економија е покрената постапка за примање поткуп, согласно член 357 од Кривичниот законик.

Една од осомничените е сопственичка и управителка на правното лице од Кочани, која во 2010 година постапила по барање на сопственикот и изготвила основен проект како услов за започнување со работа и вршење на угостителска дејност – кабаре, иако знаела дека не постоеле законски услови за пренамена на објектот од лесна индустрија во угостителска дејност. Во периодот од 2012 до 2023 година, сопственикот незаконски го користел овој проект за добивање на лиценци за угостителска дејност. Во 2023 година, сопственикот се обратил за да изврши корекција на проектот, а таа незаконски ги изменила правните лица во проектот и овозможила кабарето да поднесува барања за лиценца.

Од Министерството за економија, осомничени се поранешен министер, поранешен државен секретар, раководители и помлади соработници, кои со неизвршување на своите правни должности не постапиле според прописите и техничките правила за мерки за заштита и на осомниченото правно лице му овозможиле да врши угостителска дејност – кабаре.

Поранешен директор на Државниот пазарен инспекторат и три инспектори не ја извршиле својата должност за инспекциски надзор во периодот од 09.01.2020 до 16.03.2025 година, не извршиле контрола на правното лице и му дозволиле да продолжи со незаконска угостителска дејност.

Трите осомничени градоначалници на Кочани, како и двајца поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, не ги извршиле своите обврски согласно Законот за заштита и спасување, што дозволило клубот „Пулс“ да продолжи да работи незаконски, спротивно на законските прописи. Општината во тој период редовно примала уплати за угостителскиот објект.

Во врска со активностите на Државниот пазарен инспекторат и Дирекцијата за заштита и спасување. Министерството за внатрешни работи продолжува со проверки за утврдување на сите пропусти.

На 16.03.2025, еден од осомничените одговорни лица усно организирал концерт без формален договор со групата ДНК и заедно со останатите осомничени овозможиле влез на 650 посетители, меѓу кои имало 31 дете. Овие лица не ја воделе сметката за бројот и возраста на посетителите, што било спротивно на Законот за угостителска дејност.

Одговорните лица во клубот не спречиле внесување на пиротехнички средства, кои без дозвола предизвикале пожар во објектот, а членовите на музичката група ги активирале фонтани кои предизвикале пожар.

Осомничени се и лица од фирмата за обезбедување, кои не извршиле безбедносна проценка и не ја провериле заштитата од пожари. Овозможиле влез на деца, преполнување на објектот и употреба на пиротехнички средства кои довеле до пожар.

Сите осомничени се обезбедени, а кочанското обвинителство бара притвор за сите, со исклучок на тројца хоспитализирани лица.