Амбасадите на Австрија, Германија и Швајцарија заедно ќе ги организираат Деновите на германскиот јазик – едномесечна програма во Скопје, Тетово и Штип, која ќе опфати разновидни настани и активности посветени на германскиот јазик, културата и јазичната разновидност.
Програмата ќе почне в понеделник (28 септември 2026) од 19.30 часот во „Roosty“ во Скопје, со динамична вечер на квиз и караоке, посветена на европските јазици, Ќе учествуваат специјални гости од домашната музичка и забавна сцена.
-Програмата во Скопје продолжува со час по готвење со амбасадорите на Австрија, Германија и Швајцарија за учениците од угостителско-туристичкото училиште „Лазар Танев“, како и со настап во живо на берлинскиот диџеј Ayū во Музејот на современата уметност, во рамки на „Бела ноќ“ на 3 октомври. Ќе бидат прикажани и швајцарскиот филм „Hallo Betty“ во Кинотеката, австрискиот филм „Moon“ за студентите на УКИМ, како и германската продукција „Prange – Man ist ja Nachbar“, во присуство на актерот Божидар Коцевски, роден во Северна Македонија, кој живее и работи во Германија, соопштија организаторите.
Дополнителни содржини во програмата се организираните обиколки на Скупи од страна на Германскиот археолошки институт на 9 октомври, настапот на германската стендап-комичарка Јана Џорџ, како и проект во Меморијалниот центар на холокаустот и работилница за театарски превод за студенти во „Јуроп хаус Скопје“.
Деновите на германскиот јазик ќе допрат до публиката и надвор од главниот град. Во Тетово ќе се одржат три настани: проекции на австрискиот филм „Moon“ и швајцарскиот филм „Hallo Betty“, како и стендап-комедија со Јана Џорџ. Покрај тоа, германскиот актер Божидар Коцевски ќе се врати во својот роден град Штип како специјален гостин на филмската вечер на Универзитетот во градот.
-Под мотото „Deutsch baut Brücken“ – „Германскиот јазик гради мостови“, програмата обединува различни публики и формати, истакнувајќи го јазикот како средство за културна размена, средби и поврзување. Оние кои не зборуваат германски јазик ќе може да уживаат во музичките настани, да ги следат филмовите со превод и да учествуваат во одредени обиколки на Скупи на македонски и англиски јазик. Влезот за сите настани е бесплатен, наведуваат организаторите на Деновите на германскиот јазик.

