Деца од предучилишните установи во Скопје денеска ќе учествуваат на традиционалната манифестација „Го градам мојот град“, која ја организира Јавната установа Детски културен центар „Карпош“, по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.
Манифестацијата ќе се одржи во просториите на Детскиот културен центар „Карпош“, со почеток во 10:00 часот, а нејзината цел е да ги истакне творечките способности и креативноста на децата, како и да им го доближи значењето на празникот 13 Ноември.
Во рамки на активноста, децата од скопските градинки, по сопствен избор и користејќи различни природни и други материјали, ќе изработуваат макети на значајни објекти и обележја на Скопје.
Со манифестацијата организаторите имаат цел уште од најрана возраст да ја поттикнат љубовта кон градот, неговото културно и историско наследство, како и грижата за неговото зачувување.

