Целосно нова и различна надворешна политика на Македонија. Конечно македонската власт бара да се цени она што го сработи, а не како своите претходници да ги прифаќа сите билатерални уцени и условувања, кои удираат по националните интереси и сега се директна пречка на европскиот пат. Универзитетскиот професор и поранешен амбасадор Васко Наумовски, за Алфа вели дека Европската Унија мора да се води од копенхашките критериуми, а дел од нив не е спорот со Бугарија. Поради тоа според него сосем логична е пораката на премиерот Христијан Мицкоски дека заслужуваме да ги отвораме поглавјата и да ги покажеме нашите капацитети за тоа колку брзо ќе ги затвораме.
-Согласно критериумите од Копенхаген секоја држава треба да се вреднува согласно нејзините индивидуални заслуги, при отворањето и затворањето на поглавјата. И во тој контекст доколку Македонија ги започне преговорите, верувам дека ќе имаме едно добро досие. На случајот на Македонија во суштина се покажа и неспособноста на Европската унија да ги заобиколи тие билатерални прашања во процесот на проширување. Секако дека оваа е една нова епизода во нашата надворешна политика, изјави Наумовски.
Со цел членство во ЕУ, Македонија промени знаме, промени име, неколку пати го менуваше Уставот, но се уште немаме започнато ниту преговори. Според Наумовски јасно е дека Унијата си има свои барања, кои Македонија ги има направено, а за тоа заслужуваме и формална награда, која пак од Брисел ја нема.

-Во минатото ние бевме сведоци дека Владата правеше определени отстапки, за кои што не добивме ништо за возврат. Добропознатата политика на условување од Европската Унија значи дека од државите се бараат определени отстапки во текот на преговорите, меѓутоа за возврат треба да се направи формален чекор напред во процесот на пристапување кон Европската Унија. Ние направивме многу отстапки во минатото меѓутоа ниту ги започнавме преговорите, ниту отворивме и затворивме голем дел од поглавјата кои се дел од овој процес, изјави Наумовски.
Премиерот Мицкоси од Берлин порача дека го потенцирал ставот на Владата, дека и како народ и како држава во изминатите децении имаме премногу дадено и дека заслужуваме шанса да ги почнеме процесите безусловно и преку исполнување на критериумите да покажаме дека заслужуваме членство во ЕУ.
Матеја Петровски
