Сите земји членки на Европската Унија, освен Бугарија немаат проблем и го признаваат македонскиот јазик и идентитет. Тоа го покажа и фактот што на комисиска расправа во Европскиот Парламент, помина извештајот за напредокот на Македонија, а амандмани на истиот имаа само бугарските европратеници, кои што сега бараат пред македонски да стои модерен. Министерот за евроинтеграции Орхан Муртезани, изразува надеж дека ништо во текстот на извештајот нема да се промени и дека ќе биде изгласан исто како што помина во Комисијата.
-Секако дека ние би сакале идентитетот да остане таков каков што ние сметаме и чувствуваме, меѓутоа да чекаме финална одлука. Поединчено ако ги слушаме сите 26 други земји, сите го признаваат и македонскиот идентитет и македонскиот јазик, тоа не е спорно. Меѓутоа со резолуцијата нивната волја дополнително ќе се потврди, затоа ние инсистираме да се разделат позициите на другите земји членки и Бугарија по однос на билатерланото прашање, изјави Муртезани.
Самото тоа што извештајот помина на комисиската расправа во Европскиот Парламент, покажува дека се менува политичката волја кај членките на Унијата, кои полека почнуваат да се спротиставуваат на неоснованите бугарски условувања.

-Веројатно се доведе во ситуација да се направи поголемо неговото политичко значење од она што е неговото правно значење, но секако е сигнал на расположението на дел од партиите да ја поддржат Бугарија или не, изјави Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика- Скопје.
Амбасадорот на Полска, која е претседавач со Советот на Европската Унија, Мариуш Бримора вели дека во Брисел постои расположение за проширување, пред се со земјите од Западен Балкан, бидејќи тоа е важно за целата безбедносна состојба во Европа.
-Сега повеќе од кога било, добредојденоста на нови членки е геостратешка инвестиција во мир, безбедност, стабилност и перспектива. Ова е особено точно во однос на Западниот Балкан и стратешката важност на овој регион. Западниот Балкан е критична геополитичка раскрсница помеѓу истокот и западот и интеграцијата во ЕУ е од суштинско значење за долгорочен мир и стабилност во Европа, изјави Бримора.
Според академик Владо Камбовски, Македонија мора да работи на домашните задачи, пред се во делот на владеење на правото, но тоа не смее да бидат само козметички промени на хартија, како што било случај минатите години.
-Првиот исчекор што треба да создаде нова нормативна рамка, но таа мора да биде следена со други конкретни мерки и активности кои што ќе овозможат оживотворување на таа нова рамка. А тоа значи дека целото тоа поглавје владеење на правото нема да може да се сведе само на донесување на законите, односно нашата стара практика, изјави Камбовски.
Владата е децидна дека уставните измени во моментов не изгледаат реални бидејќи не постои политички консензус, со кој би се дошло до двотретинско мнозинство во Собранието.
Матеја Петровски
