Реклама
Македонија

Бесплатни превентивни прегледи по повод Европска недела на медицински сестри во Куманово

По повод одбележувањето на Европската недела на медицинските сестри и акушерки, денеска…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

По повод одбележувањето на Европската недела на медицинските сестри и акушерки, денеска во Куманово беа организирани бесплатни превентивни прегледи и крводарителска акција, со цел подигнување на свеста за превенцијата и значењето на медицинските сестри во здравствениот систем. Акцијата ја организираа Здружението на медицински сестри и акушерки заедно со Здравствен дом Куманово, а граѓаните имаа можност бесплатно да го проверат крвниот притисок и нивото на шеќер во крвта, како и да закажат мамографски прегледи. Претседателката на здружението, Анета Велковска, изјави дека 5 Мај – Денот на акушерките и 12 Мај – Меѓународниот ден на медицинските сестри се особено значајни датуми за здравствените работници.

– Овие датуми се многу значајни за нас. Годинава Денот на акушерките се одбележува под мотото „На светот му се потребни повеќе од еден милион акушерки“, додека Денот на медицинските сестри е под мотото „Нашите медицински сестри се нашата иднина – силни медицински сестри спасуваат животи“ – изјави Велковска.

Таа посочи дека интересот на граѓаните за превентивните активности е голем, а целта е да се потенцира важноста на редовните контроли и грижата за здравјето. Директорот на Здравствен дом Куманово, Седат Зулбери, истакна дека установата моментално располага со доволен број медицински сестри.

Реклама

– Минатата година вработивме доволен број медицински сестри и во моментот немаме потреба од дополнителен кадар. Сакам да им се заблагодарам на сите медицински сестри кои се столбот на нашиот здравствен дом и прва линија во обезбедувањето здравствени услуги за граѓаните – изјави Зулбери.

Тој упати честитки до сите медицински сестри, нагласувајќи дека тие се движечка сила на здравствениот систем.