Телевизија Алфа на браникот на професионалното новинарство. Потврда стаса и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која при мониторингот на емисијата „Под лупа“, емитувана на втори ноември годинава, потврди дека водителката Паула Костадиновска постапила професионално, поставила коректни прашања и барала нивно дообјаснување.
Во емисијата гости беа Петар Богоевски, претседател на Македонски концепт, и адвокатката Катерина Котеска, кои дебатираа на темата: „Распадот на македонското семејство: Меѓу насилството, разводите и судирот на традицијата и модерното време“.
Агенцијата за медиуми, покрај пофалбите за водителката и нејзиното максимално професионално водење на дебатата, не криеше разочарување од ставовите на Петар Богоевски, кои ги оцени како спротивни на правото на почитување на основните човекови права.
Во соопштението за јавноста, Агенцијата ги осуди ставовите на Петар Богоевски, со кои се релативизира и оправдува насилството врз жените и децата, се промовира нивната подредена положба и се прави обид таквите сфаќања да се претстават како традиционални вредности.
Според Агенцијата, ваквите пораки се неприфатливи. Оттаму потенцираат дека е недозволиво физичкото насилство врз децата да се претставува како прифатлив начин на воспитување, или насилството врз жените како нормален дел од семејните односи.

