Октомври е најуспешен месец досега во однос на користењето на платформата за интероперабилност. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска соопшти дека се реализирани рекордни 20 милиони трансакции.
– За споредба, тоа значи дека се реализираат речиси 650.000 трансакции дневно, а во 2024 година имало приближно 700.000 трансакции месечно. Тоа значи дека денес достигнуваме број на трансакции што претходно се реализирале за цел месец. Овој раст се одразува и врз користењето на порталот за услуги. Октомври беше убедливо најтрансакцискиот период на порталот, а речиси 300.000 граѓани ги искористиле услугите само во текот на месецот – изјави Андоновски пред 9. издание на регионалната конференција за е-трговија, што се одржува во Скопје.
Оваа недела министерот очекува да се пушти и втората верзија на апликацијата со дополнителни подобрувања.
– Ова е само почеток. Јас и при самото лансирање реков дека станува збор за нов почеток на односот меѓу државата и граѓанинот. Ме радува што повеќе од 30.000 наши сограѓани веќе ја препознаа апликацијата и се нејзини корисници. Тоа се одразува и врз зголеменото користење на порталот. Очекувам дека во наредниот период, со воведувањето нови услуги и поширокото прифаќање на апликацијата, таа ќе заземе значајно место во односот меѓу државата и граѓанинот – потенцира Андоновски.
За посетата на Бон, каде што беше заедно со премиерот Христијан Мицкоски, министерот денеска изјави дека најголем дел од разговорите се однесувале на дигиталната трансформација и имале можност да се запознаат со искуствата на „Македонски телеком“, особено во областа на кибербезбедноста.
– Тие располагаат со центар за кибербезбедност, кој ги опслужува компаниите во рамките на групацијата, но и други клиенти во Европа и светот. Правиме напори вакви за да привлечеме инвестиции и во Македонија. Знаете дека државата има удел во „Македонски телеком“, а целта е да видиме како ваквите инвестиции и знаења можеме да ги пренесеме и кај нас.
Сакаме да создадеме нови компании што ќе се занимаваат со кибербезбедност и да им помогнеме на малите и средните претпријатија, вклучително и на учесниците на оваа конференција, да ги зајакнат своите капацитети во процесот на дигитална трансформација и да бидат безбедни и заштитени – изјави Андоновски.

