Реклама
Македонија

Агенцијата за филм ги повторува истите неправилности и работи без стратегија, велат од ДЗР

Агенцијата за филм продолжува по старо. И најновиот извештај на Државната ревизија…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Агенцијата за филм продолжува по старо. И најновиот извештај на Државната ревизија ги покажува истите пропусти, сомнежи за сериозни нерегуларности и неправилности.

Нотирано е дека не е воспоставена ажурирана евиденција за филмските продуценти, дистрибутерите, киноприкажувачите, како и за филмовите снимени со средства од државниот буџет. Недостасува и евиденција за филмовите што се дистрибуирани и прикажани во домашните кина. Преземените обврски биле пет пати поголеми од одобрениот буџет.

Слабостите се системски, познати и долготрајни, но очигледно и натаму остануваат. Ревизорите утврдиле дека речиси сите забелешки нотирани во претходните години остануваат и сега.

Реклама

„Состојбите утврдени со Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за 2021 година, како и со ревизорските извештаи од претходниот период се повторуваат и утврдените слабости не се надминуваат,“ се наведува во документот.

Најалармантен дел од извештајот е финансиската недисциплина. Обврските кои ги презема Агенцијата – за игран, документарен и анимиран филм, како и за фестивали – се енормно над дозволениот буџет.

Во 2024 година не е спроведен ниту основниот попис на средства, побарувања и обврски, што е сериозен пропуст во работењето со јавни пари.

„Во Агенцијата за филм не е воспоставена внатрешна ревизија, и покрај тоа што истата претставува законска обврска согласно член 89 од Законот за буџети,“ дополнуваат ревизорите.

Агенцијата поништила и конкурс без да има нови правила кои ќе го уредат процесот. Некои продуценти добиле пари, а не доставиле ниедна потврда дека ги исполнуваат условите. Дури и кога филмовите заработиле, Агенцијата не го побарала својот дел од добивката, иако по закон и следува.

Склучен е и договор за финансирање со здруженија – без законски основ, што претставува прекршување на прописите. Дополнително, се посочува потреба од измени во Законот за филмска дејност, особено во делот за квалификациите на членовите на Филмскиот совет и банкарските гаранции за продукциите.

Инаку Агенцијата годинава ги укина лани одобрените средства за поврат на дел од данокот односно tax rebate за снимањето на филмот „Утре наутро“ со што ги погази сопствените одлуки и законските регулативи за што е поведена и судска постапка.