Реклама
Економија

Меља: Работите за дислокацијата на дел од цевководот се одвиваат според планираната динамика, најдоцна до утре водоснабдвањето ќе се нормализира

Работите за дислокација на дел од цевководот на водоводот Росоки – Дебар…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Работите за дислокација на дел од цевководот на водоводот Росоки – Дебар се одвиваат според планираната динамика а во меѓувреме нема проблеми околу снабдувањето со техничка вода за корисниците, изјави градоначалникот на Дебар, Фисник Меља. 

-Можам со задоволство да кажам дека првиот дел од дислокацијата на цевководот, во должина од 200 метри, се завршени. Во тек е дислокацијата на вториот дел, па се надеваме дека до крајот на денов или најдоцна утре наутро водата ќе биде пуштена и снабдувањето ќе биде нормализирано, додаде Меља.

Според него општинскиот Оперативен штаб, со кој раководи тој, е целосно активен и внимателно ја следи состојбата и за секоја потреба граѓаните може да се обратат на телефонскиот број 072 213 292.

Реклама

-Ангажирани се возила-цистерни од Јавното комунално претпријатие „Стандард“ и Територијалната противпожарна единица, кои ги снабдуваат граѓаните со техничка вода, Општата болница со проширена дејност, како и станбените згради каде имаат вградено пумпи. Во соработка со компанијата „Маја“ обезбеда е вода за пиење за потребите на болница и образовните институции, посочи тој.

По најавата за прекин во водоснабдувањето рекациите на социјалните мрежи не изостанаа, но сега граѓаните се задоволни од добрата организација.

-Искрено организацијата е за секоја пофалба. Имавме резерви дома, но знаете истите брзо се трошат.  Живеам во населбата „Венец 1“ каде има цистерна со вода и од тука обезбедуваме техничка вода, а за пиење набавуваме флаширана, рече Павле Секуловски.

Поради реконструкција на дел од патот во близина на село Долно Косоврасти и заштита на главната водоводна цевка, од вчера наутро во 5 часот има прекин во водоснабдувањето на сите корисници од водоводот Росоки-Дебар, односно Дебар, Центар Жупа и селата Долно Косоврасти и Рајчица.