Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска организира научна расправа на тема „Кривично-правен и граѓанско-правен статус на правните лица“. Настанот се организира во рамки на проектот „Владеење на правото во функција на економски раст и развој“, којшто се спроведува во ЦСИ МАНУ со финансиска поддршка од Министерството за образование и наука.
Настанот се реализира во соработка со Здружението на правниците на Македонија, а целта е да се поттикне стручна и аргументирана дискусија за клучните предизвици во примената на законодавството што се однесува на правните лица.
Како што наведува МАНУ, од расправата се очекува да произлезат заклучоци и препораки во насока на унапредување на правната рамка и практиката.

-Во фокусот на расправата ќе бидат прашањата поврзани со правниот статус на правните лица во контекст на комплексната интеракција меѓу кривично-правната, граѓанско-правната, трговско-правната и стечајната регулатива, како и практичните предизвици што произлегуваат од примената на мерките за обезбедување, замрзнување и конфискација на имот. Особено внимание ќе биде посветено на ефектите од овие мерки врз текот на стечајните постапки, положбата на доверителите и вработените, како и врз правната сигурност, најавува МАНУ.
Се очекува учество на претставници од правосудството, државните институции, регулаторните тела, стопанството и академската заедница.
