И следната недела во Македнија се очекува да продолжи трендот за најефтини цени на бензинот и дизел горивата во регионот, откако Владата ги продолжи мерките за ублажување на нафтената криза. На денешната владина седница одлучија – до четври мај да остане на сила мерката, намалување на акцизите за нафтата за 4 денари, односно на бензините за два денари по литар. Паралелно, за намалувањето на цената ќе придонесе и продолжувањето на попустот кој Окта го даваше на коминтентите од 3 денари на литар за дизел горивото, односно 2 денари за бенизните.
„Дополнително, имајќи ги предвид стабилизациските ефекти од досегашните мерки и тековните движења на цените, Владата донесе одлука за измена на Одлуката за примена на повластена даночна стапка на додадена вредност. Согласно оваа измена, повластената стапка од 10% ќе продолжи да се применува за бензините, додека за останатите производи се врши враќање на редовната стапка од 18%“, стои во владиното соопштение.
Сега од владата очекуваат веќе од понеделник повторно да поефтинат нафтените деривати во просек за околу 1,5 денари по литар.

Поради мерките кои се носеа изминатиов период, иако Европа имаше галопирачка месечна инфлација поради наглото поскапување на нафтата, Македонија имаше инфлација од минорни 0,7% во месец март, споредено со месец февруари, а според анализите се очекува овој тренд на ниска инфлација да продолжи и следниот период, бидејќи превозот и енергенсите имаат голем придонес за креирање на крајната цена на производот.
Од Владата потврдија дека и понатаму ќе ја следат состојбата и ако треба веднаш ќе се реагира. Инаку, цената на нафтата и на светските берзи забележа пад од скоро 9%, откако дувнаа позитивни ветришта од Блискиот Исток за воспоставување мир помеѓу завојуваните страни. Берзите во петокот затворија со цена на граница од 90 долари за барел нафта.
