Со поголемо знаење, преку иновации, до отворање нови и подобро платени работни места. Владата формираше Совет за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво. На првата Конститутивна седница, премиерот потенцираше дека овој совет не е само формалност, туку механизам за трансформација на Македонија во земја на знаење, наука, иновации кои ќе придонесат за модерна и конкурентна економија. Надлежните се децидни – новите производи и услуги засновани на иновации ќе отворат нови работни места кои ќе донесат поголема продуктивност, повисоки плати, а со тоа и подобар животен стандард за граѓаните.
„Нашата цел е јасна – да создадеме услови во кои знаењето ќе се претвора во иновација, иновацијата во производ, а производот во нови работни места и подобар животен стандард за граѓаните. Самата структура и состав на Советот, кој ги обединува клучните министерства и ресори, академската заедница и експертите од различни области, гарантира интегриран и стратешки пристап во носењето одлуки. Ова тело ќе обезбеди координација помеѓу образованието, науката, дигиталната трансформација и економските политики“ – вели Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
На првата седница на Советот за иновации беше донесен клучниот документ кој треба да ја трасира македонската економија. Се работи за четиригодишна програма за поттикнување на иновациите. Таа содржи конкретни мерки кои треба да бидат ефективни, транспарентни , со јасни цели и резултати кои ќе бидат предмет на мерење и контрола. На овој начин, младите иноватори ќе бидат поддржани од првата идеја, преку процесот на истражување, пилот проектот, до целосна комерцијализација на замисленото.

Програмата за иновации, развој и претприемништво главно ќе ја спроведува Агенцијата за иновации ИНОВА. Сепак, во кординацијата ќе бидат вклучени Владата, надлежните три министерства за образование, економија и дигитална трансформација, факултетите, истражувачките институти, како и бизнис секторот.
