Академската фела е децидна дека со новиот закон за високо образование мора конечно да се постават прецизни правила за квалитет, отчетност и напредок во образовниот систем. Тие оценуваат дека реформата претставува пресвртница за високото образование. Академската заедница не смее да чека некој друг да ја натера на работа, туку самата треба да постави стандарди и да работи континуирано на подобрување на квалитетот. Дел од професорите со поддршка за новиот предлог закон за високо образование.
„Јас сепак ќе нагласам дека го поддржувам овој закон за високо образование затоа што претставува еден вид пресвртница. Ако веќе видовме до каде стигнавме во поглед на науката и образованието па и гледаме како котираме на тие познати листи, тогаш навистина нешто мора да се направи и да се направи пресек. Е ова е клучниот момент, ние повеќе време за чекање немаме“, вели професорот Гоце Цветановски.
Дополнително тие потенцираат дека доколку сакаме подобро позиционирање на меѓународните ранг листи и значителен напредок во науката, реформите треба да започнат од нив, од професорите.
„Мора да бидеме доследни и принципиелни. Ако веќе тежнееме кон подобрување на овие листи што постојано ги потенцираме, пред се Шангајската листа, тогаш дефинитивно ќе треба да ги засукаме ракавите пред се ние интелектуалците, академската заедница да си постави сопствен мерит систем, па не мора јас да чекам некој со закон да ми регулира за да седнам да сработам едно дело“, вели професорот Гоце Цветановски.

Но, сепак тие сметаат дека критериумите не смеат да бидат исти за сите научни области. Хуманистичките и општествените науки, како што велат, не можат да се вреднуваат исто како медицинските или природните науки. Затоа предложуваат попрецизни решенија и дополнително регулирање преку подзаконски акти во консултација со академската фела.
Новиот законот, според нив ќе овозможи и рационално трошење на јавните средства, без да се наруши автономијата на универзитетите.
Во однос на програмите со мал број студенти, тие сметаат дека целта не е укинување на неопходните насоки, туку спречување на неосновано мултиплицирање на студиски програми што го оптоваруваат буџетот. Ќе се задржат и поддржат дефицитарните струки, како математиката, кои се потребни на општеството.
„Ако јас по потесна вокација сум дијалектолог, и ако измислувам 10 предмети со иста содржина само за да учествувам во повеќе програми и да земам пари, мислам дека не е фер и не е целта тоа туку целта е да го обучам кандидатот во тоа што јас сум специјалист и мислам дека тоа треба да се види на пошироко ниво и да не се претерува со мултиплициранње на студиски програми и само го оптеретуваат буџетот. Нема да се укинуваат насоки и струки кои се неопходни на општеството. Каде што имаме дефицит на кадар пример математика мислам дека тие програми нема да се укинат бидејќи се потребни на општеството“, вели професорот Гоце Цветановски.
Министерката за образование Весна Јаневска истакнува дека целта е создавање поквалитетен, конкурентен систем кој ќе биде според европски стандарди. Крајната цел е поквалитетна настава и универзитети што ќе создаваат кадар кој одговара на потребите на општеството и пазарот на трудот.
