Борбата на Гоце Делчев за независна Македонија е епска битка која и денес продолжува да нѐ обврзува. На денот на раѓањето на македонскиот револуционер, премиерот Мицкоски го посети неговото вечно почивалиште во црквата „Св. Спас“, каде заедно со владина делегација положи свежо цвеќе. Со тивка почит и минута молк, присутните се поклонија пред ликот и делото што и по повеќе од еден век остануваат симбол на слободата и државноста.
„Неговата борба за независна македонска држава, за држава во срцето на Балканот, јас би рекол е епска, за жал прерано го загубил својот живот на 31 година, имал уште многу што да каже доколку преживеел, но за жал не успеал повеќе од 31 година да живее и го положува својот живот повторно со идеалите за македонската држава“, изјави премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски.
Почит на македонскиот великан му одадоа дел од владините министри. Цвеќе положија министерката за образование Весна Јанеска и министерот за култура Зоран Љутков. На гробот на Делчев се појави и градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и уште некои од неговите колеги од општините, како и претставници на повеќе политички партии и граѓански здруженија.

Чествувањето на 154 годишнината од раѓањето на македонскиот вилекан, го предводеше поглаварот Охридски и Македонски господин господин Стефан.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, не се појави во црквата „Св. Спас“, туку преку социјалните мрежи порача дека чествувањето на Делчев треба да биде пример за тоа како се гради Македонија. Според него, Делчев е потсетник дека државата се гради со храброст, солидарност и заедништво и дека неговиот аманет треба да продолжи за да се создаде напредна, праведна, демократска и економски силна држава. Денешното чествување беше проследено со засилено полициско присуство, но без никакви инциденти. Граѓаните кои дојдоа да му оддадат почит на македонскиот великан во тишина положуваа цвеќе и се задржуваа пред неговиот гроб, уште еднаш потсетувајќи дека Делчев не е само дел од историјата, туку и дел од современиот македонски идентитет.
