Од директорката канцеларија се сели во затворската ќелија. Осум месеци затвор за ексдиректорот на „Шутка“ и новиот член во тимот на Филипче, Филип Андов Сокол, затоа што ослободувал затвореници а полицајци со возила развозувале осуденици за притватни потреби. Андов е осуден за злоупотреби заедно со уште шестимина затворски чувари на кои им се заканува затвор доколку во следните една, две или три години сторат друго кривично дело.
- „Ф.А. за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.5 вв со ст.1 вв со чл. 45 и чл. 22 од КЗ го осуди на казна затвор во траење од 8 месеци..“ стои во пресудата од скопскиот Кривичен суд.
Андов и останатите се товарат дека во нивно знаење и потпис од поранешниот директор во девет наврати од март до јули лани, петмина затвореници си оделе дома, се гледале со нивните роднини, а во затворот внесувале предмети кои што претставувале ризик за другите затвореници и безбедноста на установата.
Ваквата пресуда не е правосилна, а одбраната и обвинителството имаат можност за жалби. Обвинителката ќе ја чека писмено пресудата за да одлучи дали ќе се жали. Ексдиректорот во изјава за Алфа вели дека со сигурност ќе се жали, затоа што судот одлучил да го осуди затоа што постапувал по молби од затвореници што е законско право.

- „Апсолутно ја отфрлам оваа пресуда, каде што во ниту едно рочиште на судењето не беа дадени јасни докази во делот на загрозување на безбедноста на затворот па и други работи кои ми се тератат по тие членови. Можам да додадам дека со оваа пресуда се суспендира молбата на сите осуденици во Македонија“ вели Филип Андов.
И бранителите најавуваат жалби на првостепената пресуда.
- „Со сигурност ќе се жалиме на осудителната одлука бидејќи и после дадените објаснувања од сведоците на обвинителството дека не станува тука збор за поволност ние како учесници во постапката повторно не добивме одговор кој е надлежен орган за спровод на затвореници освен директорот за кој мојот клиент затворскиот чувар извршил спровод по добиена наредба од него“ вели Александар Тумановски – адвокат.
Со ист наратив дека пресудата е политичка, и Бихаќка го брани Андов. Тој стана член на Извршниот одбор на партијата согласно последните партиски рокади кои ги направи Филипче.
Инаку, Сокол беше именуван за директор на „Шутка“ во 2020 година, а претходно му беше советник на тогашниот премиер Зоран Заев.
