Ако државата сака одржлив развој, мора да почне од образованието – со систем што ќе го подигне квалитетот на наставата и ќе го врати достоинството на наставничката професија. Во таа насока, МОН најави продолжување на реформскиот циклус во образованието и повисоки стандарди во наставата, подобри услови за работа и кариерен развој на наставниците. Во чест на Светскиот ден на учителите, Министерството ја стартуваше кампањата „Магијата е во знаењето“, а министерката Јаневска во Домот на културата „Билјана Беличанец“, обајсни дека истата има за цел да ја врати довербата, достоинството и вредноста на професијата учител, која е темел на секое општество.
„Нема ништо поголемо од звањето учител. Сакам да им порачам дека тие се исклучително важни и се важна алка во образовниот систем, луѓе кои ја моделираат иднината и на младите луѓе но и на државата“, изјави Весна Јаневска, министер за образование и наука.
И од академската заедница и УНИЦЕФ порачуваат дека е потребно да се вложува не само во инфраструктура, туку и во човекот кој стои пред таблата.

„Наставниците се најважниот дел од образовниот систем. Потребни се многу инвестиции во нивната работа и стручно усовршување“, изјави Лесли Милер претставничка на УНИЦЕФ.
„Визијата на Педагошкиот факултет е да изградиме креативни, одговорни и динамични наставници кои ќе бидат критични настроени. Оваа професија бара многу посветеност и постојана адаптација кон општествените промени“, изјави Билјана Камчевска – Декан на Педагошки факултет.
Дека наставникот не треба да биде само пренесувач на информации туку и да создава топла и хармонична атмосфера и да ги поттикнува учениците на колаборативно учење, порачаа од Сојузот на просветни работници. Но, оттаму велат дека клучни во овој процес се и родителите.
„Наставникот има за цел да направи добронамерно толкувањеа на сите пребирања и толкувања во личноста на еден ученик да гради сигурност доверба и личност која успешно ќе се носи со предизвиците во иднина“, изјави Лидија Николовска Ѓорѓиевска – Претседател на Сојузот на просветни работници.
Министерството работи и на проблемите во образовниот систем – од слабите резултати на ПИСА-тестирањето, до ниската позиција на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на шангајската листа. Овие податоци, според ресорот, се јасен сигнал дека државата мора системски да се справи со предизвиците во наставата, мотивацијата и професионалниот развој на наставниците и професорите. Јаневска најави и дека по изборите ќе стартува новиот закон за високото образование и повеќе инвестиции во научноистражувачката работа. Дополнително, министерката предупреди дека учениците треба внимателно да ги бираат академиите и приватните курсеви, затоа што не сите ги исполнуваат она што го ветуваат.
„Тоа не се факултети. Да има добри курсеви, но им препорачувам да внимаваат каде се запишуваат и убаво да ги прочитаат договорите кои ги потпишуваат, затоа што се случува дел од тие акаддемиите да не го исполнат она што треба да го испиолнат и тие се на листата на оние кои ќе бидат ревидирани во иднина“, изјави Весна Јаневска.
Денеска, во рамки на кампањата „Магијата е во знаењето“, Министерството за образование и наука и Сојузот на просветните работници на Македонија ги доделија и признанијата „Просветен работник на годината“ за учебната 2024/2025 година. Овие признанија, како што беше истакнато, се чин на јавно почитување, но и симбол на поширока заложба за градење општество што ја препознава и вреднува улогата и на наставниците, и на воспитувачите и стручните соработници.
