Реклама
Прилози

🎥 Се „чешлаат“ разузнавачите: Обвинители уште пред неколку месеци влегле во Агенцијата за разузнавање

Обвинителите уште пред неколку месеци влегле во Агенцијата за разузванање, да проверат…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Обвинителите уште пред неколку месеци влегле во Агенцијата за разузванање, да проверат што таму се работело минативе години. Ова е информацијата која можеа да ја споделат пратениците кои беа во посета и увид на сработеното во македонското разузнавање. Повеќе детали не можеа да се откријат бидејќи материјалите се веќе во предистражна обвинителска постапка или се класифицирани и нема можност за нивно споделување со пошироката јавност.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Пренџов вели дека од разговорите во АР, биле известени околу безбедносната состојба во државата и она што радува е што состојбата е стабилна. 

-И тука веќе Обвинителството веќе извршило одредена контрола и се она кое што е поврзано со случајот и ја бранува јавноста сите овие изминати денови, не би можеле повеќе да разговараме. Сепак она што е важно е институцијата наречена Јавно обвинителство на Македонија биде побрза, биде поажурна бидејќи јавниот интерес за оваа тема е огромен и очекуваме и јас како граѓанин, а потоа како носител на јавна функција да експресно се заврши целиот овој случај, изјави Пренџов.

Реклама

Пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска вели дека поради тоа што материјалите се дел од обвинителска постапка, немале можност да извршат увид во се. И таа потенцираше дека безбедносната состојба во Македонија е стабилна.

-За жал исто како што го добивме и вчера одговорот, а тоа е дека Јавното обвинителство веќе и во Агенцијата за разузнавање било, истражитали од тоа Обвинителство разговарале и со вработените, имале увид во одредена документација која била побарана, а која што исто така беше предмет и на наш интерес, но од тие причини за жал не можеше да биде споделена. Поразговаравме и на други теми како што најавив пред влегување кои се однесуваат на националната безбедност, на потенцијални, евентуални закани, изјави Петровска.

Претходно членовите на Комисијата за надзор на работата на АНБ и АР, беа во посета и увид на работата на Агенцијата за национална безбедност. Ова доаѓа откако беше објавен скандалот дека во периодот од 2019-та до 2024-та година имало нелегално следење и прислушување.

Според информациите во прв ред најследен бил актуелниот премиер, тогаш лидер на опозицијата Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, контроверзната поранешна шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска, бизнисменот Орце Камчев, новинари и други јавни личности.

Матеја Петровски