Состојбата на осумината вработени во фабриката за кондиторски производи Винчини, кои по вдишување на јаглероден моноксид завршија на Клиниката за токсикологија, е стабилна и во текот на денот дел од нив ќе бидат пуштени на домашно лекување, информираат од Министерството за здравство. По извршената опсервација од страна на лекарите, кај пациентите не се забележани компликации.
Сите хоспитализирани пациенти клинички се стабилни. По извршените прегледи кај ниту еден од нив нема компликации. Се очекува во текот на денот, дел од хоспитализираните работници да бидат испишани и да заминат дома, информираат од Министерството за здравство.
И во текот на вчерашниот ден, тројца од повредени пожaрникари кои поради изгореници беа хоспитализирани во кочанската Општа болница, се испишани и пуштени на домашно лекување. Во болница ќе остане уште еден пожарникар, на кој треба да му се направи коронарографија во Штип. Доколку резултатите се добри и тој заминува дома.

„Еден е од Штип, еден од Свети Николе и двајца се од Виница. Сите се со мал степен на изгореници. Носеле комплетна заштитна опрема. Еден од повредените е пожарникарот кој при гасење на пожарот се заглавил во смола, во растопен шеќер, но со брза акција на колегите е извлечен„ изјави д-р Катерина Паниќ-Мирчовска, директорка на ОБ-Кочани
Во меѓувреме во фабриката Винчини се уште трае увидот, кој поради жариштата кои што тлееја во погоните, започна два дена по пожарот. Денеска на терен е излезено и вешто лице електроинжинер, информираат од Основното јавно обвинителство.
Големиот пожар кој во саботата околу 18.30 изби во погоните и магацините на фабриката Винчини ја обедини државата. На социјалните мрежи се споделуваат масовни објави и повици за интензивно купување на нивните производи со што фабриката повторно ќе застане на нозе. Апел за солидарност упатуваат и од Стопанската комора. За 12 септември е закажан состанок на кој претседателот Азески со сопственици на ланци маркети ќе разговараат каква форма на кампања ќе биде реализирана преку малопродажба со цел да се засили продажба на производите на Макпрогрес-Виница.
Во оваа компанија, која е основан пред 35 години, вработени се над 500 луѓе. „Макпрогес-Винчини е еден од водечкито кондиторско-пекарската индустрија во Македонија. 75% од своето производството го извезуваат во 45 држави во светот.

