Поминаа четири години откако 14 луѓе за шест минути живи изгореа во тетовската модуларна болница, а нивните семејства се уште не дочекале вистинска правда. И по толку време, освен кабелот, по година ипол затвор по вторпат добија и директорите на болницата во Тетово. Нема одговорност за надлежните, поранешниот министер за здравство во времето на трагедијата Венко Филипче, компанијата што ги градеше модуларните болници и тој што ја инсталирал електричната мрежа.
Револтот на семејствата е огромен. Сметаат дека обвинителите се инволвирани во прикривање на делото. Бараат одгворните да се гонат.
Обвинителството за организиран криминал и корупција ја собра документацијата и отвори постапка. Дури тврди дека во предвид е земен и извештајот на германските експерти што дојдоа на помош. За јавноста, истрагата е се уште матна, и нејасно е како главен виновник за страотната трагедија може да е само кабелот.

Во судскиот процес кој се водеше во изминатите години, обвинети беа екс директорот на тетовската болница Флорин Бесими како и поранешниот економски директор Артан Етеми. Но, и двајцата не се гонеа поради причината за пожарот, туку бидејќи не ставиле пропишани уреди за гаснење на пожар.
И натаму е неразјаснето дали болницата била изградена според сите прописи и дали тендерската документација била изготвена за да се изгради безбедна модуларна болница.
Тогашниот министер за здравство и сегашен лидер на СДСМ Венко Филипче, тврди дека совеста му е чиста. По трагедијата си поднесе оставка како министер. Во интервју за Фокус тој вели дека во пандемијата трагедии се случувале секаде.
За жал, трагедии во пандемијата се случуваа насекаде. Трагедии ќе имавме уште повеќе да не ги обезбедевме ковид-амбулантите, луѓето ќе умираа во чекалните или на паркинзите. Знам само дека мојата совест е чиста. Јас и мојот тим вложивме натчовечки напори да се спасат што поголем број луѓе, работевме дење и ноќе“, вели Венко Филипче, поранешен министер за здравсто и сегашен лидер на СДСМ.
На кобниот ден, 8 септември 2021, во Ковид центарот биле сместени 26 пациенти. Дел од нив биле со придружба. 14 загинаа, а 12 беа повредени. Македонските крим техничари утврдија дека пожарот бил последица од прегревање на кабелот на дефибрилатор за реанимација. На ист приклучот бил ставен уште еден апарат и полнач за мобилен.
Првата пресуда за кобниот пожар беше во јуни 2023. Им се судеше на поранешните директори и уште еден лекар кој доби ослободителна. Во мај 2024, Апелациониот суд во Гостивар одлучи предметот да оди на повторно судење поради нејаснотии во одлуката. Ова е една од најголемите трагедии што и се случиле на Македонија. За жал остана неразјаснета и без испорачана правда.

