Ниту една казна нема да ги задоволи семејствата на жртвите, со овие зборови обвинителката Ана Стоиловиќ Димитровска побара четири доживотни и една соодветна казна затвор. Максимални казни се бараат за Љупчо Палевски, Велибот Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски. Обвинителството не се откажува и тврди дека вина има и кај таткото на Вања, Александар Ѓорчевски поради учество во киднапирање, и затоа за него бара, како ја нарече обвинителката, соодветна казна. Во завршните зборови обвинителката кажа дека за нив не важат исказите дадени во текот на судскиот процес, каде обвинетоте ги менуваа зборовите, туку оние кои биле дадени во Обвинителството, кога тројца од обвинетите признаа вина.
-Обвинетите со еден куршум ја остваруваат својата цел. Иако двете убиства се квалификувани од потежок облик, и казната се движи минимум од 10 години до доживотен затвор, и таа разлика од минималната до максималната казна е голема. Затоа Судот треба внимателно да ги земе во предвид и начинот на спроведување на делата, и нивната непоколебливост во намерата. Тука не постојат олеснителни околности. Сите обвинети се дел од семејна заедница, сите се нашле во улога на воспитувачи, а тие посегнуваат по она што му е најсреќно на секој родител, на секое човечко битие, изјави обвинителката.
Адвокатот на Александар Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ тврди дека обвинителствиото не покажало ниту еден доказ против неговиот клиент, туку токму спротивното – одбараната во текот на судскиот процес успеала да докаже дека кај таткото на Вања нема никаква вина.

-Нема никаков доказ за било каква вмешаност и инволвираност на Александар, немаат ниту било каков доказ за некаква конекција и комуникација со Љупчо Палевски, како што стои во описот на обвинителниот акт. Напротив, завршниот збор на Обвинителството го ценам како контрадикторен, изјави Туфегџиќ.
По речиси една година преку писмо во судот се огласи мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска. Порача дека ниту еден родител не смее да доживее тоа што го доживеала таа.
-За жал еден факт останува непобитен, Вања ја нема. Ја киднапирале и ја однеле, ја убиле безмилосно на најбрутален начин, детето мое. Кога ќе слушневме за некој немил настан во светот, на двете мои ќерки им велев дека вакви работи кај нас во Македонија не се случуваат, далечни ми беа. Но се случи и тоа токму мене на моето најмило и не смее да се повтори. Ниту еден родител не смее да го доживее тоа што јас го доживеав, пишува во писмото на Зорица Ѓорчевска.
За 18-ти и 20-ти јуни се закажани двете рочишта каде своите завршни зборови ќе ги дадат обвинетите, по што треба да се закаже соопштувањето на пресуда.
Матеја Петровски
