Актуелната претседателка на Антикорупциската Комисија, Татјана Димитровска остана без пасош како осомничена за вмешаност во случајот Адитив. Заедно со уште двајца други беше спроведена пред судија на претходна постапка во скопски Кривичен, кој го прифати барање на ОЈО за ГОКК таа добие и забрана во одреден дел од работата кои се поврзани со кривичното дело.
„Во однос на осомничената Т.Д. која доцна попладнево беше изведена пред судија на претходна постапка во однос на продолжување на акцијата во јавноста позната како “Адитив”, по нејзино произнесивање во однос на предлогот на ЈО за определување мерки за претпазливост, донесено е решение со кое СЕ ПРИФАЌА предлогот на ОЈО ГОКК и се опредлуваат мерки за претпазливост согласно точка 3 и точка 7 односно Привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова; и Забрана за преземање на одредени работни активности поврзани со кривичното дело“ се наведува во соопштението на Кривичен суд
За кое кривично дело се гони Димитровска, не открива ниту Обвинителството, од каде најавија повеќе детали за утре. Кратко потврдија дека претседателката на Антикорупциска е опфатена со проширувањето на истрагата за спорните набавки на адитиви за согорување на јаглен во термоцентралите тешки над 6,5 милиони евра.

„Во рамките на предметот Адитив од прибраните докази донесена е Наредба за спроведување на истрага за уште три лица. Околу делата што им се ставаат на товар и дејствијата што ги преземале, ќе известиме во текот на утрешниот ден“, гласи кратката информација од ОЈО за ГОКК
Димитровска лани во февруари стана прв човек на Антикорупциската комисија, а претходно 19 години работеле во Државниот завод за ревизија (ДЗР), а две години му била и помошник на главниот ревизор. Најмногу работела на ревизии за политички партии, ДКСК, АВМУ, ДИК и други.
Случајот „Адитив“ беше отворен лани во декември од полицијата и обвинителството за организиран и првично опфати 23 лица меѓу кои и Васко Ковачевски како ексдиректор на државните електрани, неговиот наследник, Васко Стефанов, како и екс-директорот на РЕК Битола, Пеце Матевски или вкупно 23-јца. Истрагата веќе еднаш се прошири, на почекот на февруари, кога беа опфатени нови осуммина кои се поврзуваа со криминалите кои се правеле со набавките на адитиви.
Обвинетите се сомничат дека злосторнички се здружиле и фаворизирале одредени компании во тендерската постапка за набавка на адитиви за јаглен притоа стекнувајќи нелегална имотна корист. Извршиле трансакции за перење пари во износ од 6,8 милиони евра со цел да го прикријат потеклото на финансиските средства. Со новите тројца осомничени бројот порасна на вкупно 34, дел од нив се во ефективен притвор, некои во куќен или под мерки на претпазливост.
Обвинение беше поднесено до скопскиот Кривичен суд крајот на февруари и се очекува наскоро да почне и судската постапка.
