Газдата на „Пуцко Петрол“ ќе го одврзе ќесето за да излезе од Шутка. Синот на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски, Асмир Јахоски, нуди 2 милиони евра гаранција за да излезе од зад решетки. Тој е во притвор во Шутка од 14-ти март како осомничен за набавка на штетно гориво за ТЕЦ Неготино со кое го загадувале водухот и притоа испумпале над 160 милиони евра.
Тој кауцијата што ја понудил во возила и станови, ја доставил до скопскиот Кривичен суд, а од таму е препратена и до обвинителството за мислење.
- „Пристигнато е барање за замена на мерката притвор за поблага мерка, со понудена гаранција во движен и недвижен имот. Барањето е испратено на мислење во надлежното јавно обвинителство, по што ќе одлучува кривичниот совет, за што јавноста ќе биде благовремено известена“, велат од Кривичниот суд.
Кога мислењето на обвинителката Катерина Коларевиќ ќе стигне до Кривичен, совет од тројца судии ќе одлучуваат дали вредат двата милиони евра, Јахоски да излезе од зад решетки.

Околу притворот на Јахоски, надлежните и претходно се испреплеткаа за тоа кој барал, а кој одлучил газдата на „Пуцко Петрол“ наместо зад решетки да оди во куќен притвор.
Обвинителството се жалеше на таквата одлука, откако претходно се согласиле со судијката за куќниот притвор бидејќи Јахоски бил татко на 4 деца, имал фирма со многу вработени и цврсти врски со државата.
По три дена институционални објаснувања, се одлучи Јахоски сепак да замине во Шутка.
Газдата на Пуцко Петрол заедно со уште 13 луѓе меѓу кои екс директорот на ЕСМ Васко Ковачевски и бизнисменот Ратко Капушевски се сомничат дека испумпале нешто над 160 милиони евра државни пари, а притоа набавувале штетно гориво со кое го загадувале воздухот.
