„Вашиот брз одговор ја покажа силата на солидарноста, која е главната карактеристика на нашиот сојуз – трагедијата во Кочани ја покажа важноста на заедништвото“. Првиот дипломат Тимчо Муцунски на средбата со амбасадорите на земјите членки на НАТО по повод петгодишнината од членството на Македонија порача дека ќе се преземат сите неопходни мерки за целосно истражување на случајот. Ја потенцираше заложбата на Владата за борба против корупцијата и сите девијантни појави кои го нарушуваат системот.
Овој случај уште еднаш ја покажа важноста на солидарноста која треба целосно и заеднички да ја негуваме како наш главен столб во нашите односи. Како Влада определени сме одлучно да се бориме со корупцијата и сите девијантни појави чија цел е да го ослабат и нарушат нашиот систем. Тоа нема да го дозволиме. Наша цел е да ја зајакнеме довербата и унапредиме функционалноста на системот во кој граѓаните ќе имаат целосна доверба, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Пет години во НАТО – според Муцунски, внесува оптимизам, ја продлабочува соработката и го претвора регионот во синоним на стабилност, развој и економски просперитет.

Денеска имаме можност како земја членка на НАТО да придонесеме кон градење на политичка и безбедносна стабилност, не само за нас, туку и за регионот и Европа, каде што природно припаѓаме. Заедно со вас сојузниците, заеднички ја градиме нашата иднина и заедно се справуваме со безбедносните предизвици со кои се соочува европскиот континент, а кои имаат и глобални импликации. Нашата надворешна политика има три константи – нашето полноправно членство во НАТО, како кредибилен сојузник во Алијансата, нашата целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и нашето стратешко партнерство со САД, кои целосно кореспондираат со нашиот национален интерес и сите одлуки кои што ги носиме се вклопени во таа рамка и се усогласени со нашите национални интереси, додаде Муцунски.
Макеоднија има обврска да инвестира во одбраната и да ја модернизира армијата, но клучна е соработката со сојузниците и заложбите за мир и безбедност.
Ова членство дојде по децениските напори и реформи за исполнување на стандардите на НАТО. Денес е денот кога ја одбележуваме нашата пет годишнина како полноправна членка на НАТО. Ова е доказ за нашата посветеност на мирот, одбраната, стабилноста и безбедноста, рече заменик министерката за одбрана, Елфер Исмаили.
Македонија стана членка на НАТО на денешен пред пет години. Патот беше долг и трнлив, со многу барања и уцени од нашиот јужен сосед. Рампата беше крената по потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година, со кој Македонија го промени уставното име, против волјата на народот. Тогашниот премиер Зоран Заев во Нивици си подаде рака со неговиот грчки колега Алексис Ципрас. Тогашните министри за надворешни работи на двете земји, Димитров и Коѕијас ставија параф на договорот со кој се реши дваесет и петгодишниот спор со Грција. Влеговме во Алијансата, но не и во ЕУ како што беше ветувано.
