Реклама
Македонија

Томовски: Државата обезбеди авиокарти и сместување за семејствата на повредените, но помошта продолжува

Владата веднаш по трагедијата во Кочани презела конкретни мерки за поддршка на…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Владата веднаш по трагедијата во Кочани презела конкретни мерки за поддршка на семејствата на повредените. На првата владина седница, донесена е одлука за издвојување почетни 30 милиони денари, кои ќе бидат наменети за помош на лицата чии деца или најблиски се лекуваат надвор од државата. Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи и член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, објасни дека државата обезбедила авиокарти и сместување за најблиските членови на семејствата на повредените. Целта е тие да не бидат изложени на дополнителни трошоци и да бидат во близина на болниците каде што се лекуваат нивните најблиски.

Томовски истакна дека иако почетно било планирано да се отвори нова донаторска сметка, одлучено е да се поддржи веќе постоечката сметка на Црвениот Крст. Според него, оваа одлука има за цел да се избегне каква било загуба на средства, бидејќи сметката на Црвениот Крст не подлежи на 10% персонален данок.

Во контекст на помошта, Томовски објасни дека Владата, во соработка со Црвениот Крст, ќе ги усмерава собраните средства. Почетниот план е сите засегнати да добијат по 150.000 денари, а овие исплати ќе бидат објавувани транспарентно. Тој додаде дека ова е само почетната помош и дека ќе се обезбедат дополнителни средства како поддршка за секојдневното функционирање на семејствата во овие тешки моменти.

Реклама

Дополнително, започнати се активности за собирање трансакциски сметки на повредените преку амбасадите и конзуларните претставништва, со што се очекува исплатата на овие средства да започне во текот на денот. Томовски истакна дека 90% од потребните сметки веќе се собрани и дека во текот на денешниот ден ќе бидат исплатени почетните средства.

Томовски најави дека во идниот период ќе се направи детална анализа за потребите на повредените, во соработка со Министерството за здравство, за да се обезбеди понатамошна помош за долекување и рехабилитација, согласно со индивидуалните потреби на повредените.